Без придружба или многу болни

ЕУ ќе прими одреден број деца мигранти заглавени во Грција

Пет земји на ЕУ се согласија да примат одреден број малолетни мигранти што се заглавени во Грција, во екот на постојани тензии на грчко-турската граница.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Леен им се заблагодари на Финска, Франција, Германија, Луксембург и Португалија.

Бројките по земја сè уште не се објавени - германските медиуми зборуваат за вкупно до 1.500. Тие се деца категоризирани како без никаква придружба и/или мошне болни.

Грчките мигрантски кампови се преполни, вели Би-би-си.

Десетици илјади мигранти и бегалци се заглавени на копнената граница на Турција со Грција, каде што грчките граничари фрлаат солзавец и водени топови за да ги спречат да влезат.

Многумина од нив се Сиријци што бегаат од граѓанската војна, но има и Авганистанци, Пакистанци и Западноафриканци што бараат нов живот во ЕУ.

Покрај тоа, во изминатата недела повеќе од 1.700 стигнаа на Лезбос и на некои други грчки егејски острови со чамци од Турција.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вечерва во Брисел ќе разговара со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Комисијата, Фон дер Леен.

Фон дер Леен на прес-конференција рече дека Турција мора да ги премести барателите на азил подалеку од копнената граница, како дел од решението за мигрантската криза, но рече и дека „очекуваме да бидат почитувани основните права, вклучително и правото на азил“.

Таа очигледно сакаше да ја потсети Грција на нејзините обврски, вели Би-би-си, откако тамошните власти, борејќи се со новиот наплив, решија на еден месец да го прекинат постапувањето по сите нови барања за азил.

ЕУ е загрижена и сака да спречи повторување на кризата во 2015 година, кога околу еден милион баратели на азил стигнаа до Централна Европа преку Грција и Балканот.

Турција ја повика ЕУ да направи многу повеќе за да ѝ го олесни товарот со бегалците, бидејќи таа веќе прими 3,7 милиони сириски бегалци во кампови, додека уште милиони Сиријци очајно се обидуваат да влезат, откако избегаа од областа Идлиб.

„Признаваме дека Турција прави многу, грижејќи се за милиони бегалци, со наша помош“, рече Фон дер Леен.

„Треба многу отворено да разговараме за фактот дека она што се случи минатиот викенд не смее да се случи повторно. Потребна ни е долгорочна стратегија за да се осигуриме дека ваквите ескалации нема повторно да се случат“.

Се затвораат цркви, но се отвораат кладилници.

повеќе

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе