„НАТО имаше и има клучна улога во поврзувањето на Америка и Европа. Делиме исти демократски вредности, имаме заеднички стратешки интереси и целосно сум убеден дека новата администрација на Бајден нуди единствена можност за обнова на трансатлантскиот сојуз меѓу Европа и САД“, рече Мишел пред почетокот на виртуелниот самит на лидерите на ЕУ на кој беше поканет и генералниот секретар на НАТО.
Вториот ден од виртуелниот самит на ЕУ е посветен на безбедносните и одбранбените прашања и односите со јужните соседи.
Столтенберг посочи дека ниту една земја или континент не можат сами да се справат со новите предизвици како што се хибридните закани, софистицираните сајбер напади, агресивното однесување на Русија, растот на Кина и безбедносните импликации од климатските промени.
„Ниту Америка, ниту Европа не можат да го сторат тоа сами и затоа ја поздравуваме силната порака на администрацијата на Бајден за зајакнување на сојузништвото и трансатлантските врски“, рече Столтенберг.
Столтенберг изрази задоволство што НАТО и ЕУ минатата година ја зголемија соработката на досега невидено ниво и се веселат на продолжувањето на соработката и зајакнување на отпорноста на бројни предизвици, стабилизирање на Западен Балкан и прашањето за миграција во Егејско Море.
Мишел рече дека НАТО и ЕУ имаат заеднички приоритети, сакаат поголема стабилност и предвидливост во своето непосредно соседство и се подготвени да разговараат за инструментите што ќе ги користат за да ги постигнат овие цели.
„За силно партнерство потребни се силни партнери и убеден сум дека посилна Европска унија значи и посилно НАТО“, рече Мишел.
На крајот од денешниот состанок, лидерите на ЕУ треба да усвојат заедничка изјава во која ќе се истакне дека ЕУ мора да преземе поголема одговорност за својата безбедност во соочувањето со глобалните предизвици.