ЕУ го критикува Белград: Без парада нема Европрајд

Критики доаѓаат од Европската Унија откако МВР на Србија ја забрани прошетката што требаше да се одржи в сабота на 17 септември во рамките на Европрајд. Конкретно се критикува ставот на црквата.

Фото: ЕПА

„Разочарани сме“ што е забранета завршната прошетка низ градот, изјави во вторникот во Брисел портпаролот на Европската служба за надворешни работи Петер Стано. Парадата, нагласува тој, е „јавен израз на волјата за борба против дискриминацијата“ и за промовирање еднакви права за нехетеросексуалните лица.

„Без парада нема Европрајд“, рече Стано и истовремено изрази надеж дека ќе се најде решение парадата да се одржи „мирно и безбедно“ в сабота, како што беше планирано.

Критики доаѓаат и од комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ. Таа оценува дека во изминатите неколку недели, во кои не беше јасно дали ќе се одржи Европрајд, „во јавноста беа испратени погрешни пораки и се отвори простор за реторика со омраза и зголемени закани насочени кон ЛГБТИ-лицата, меѓу другото, од верски лидери“, рече Мијатовиќ во вторникот во Стразбур.

Воедно, таа ја поздрави неодамнешната изјава на претседателот Александар Вучиќ, во која се нагласува признавањето и почитувањето на човековите права на нехетеросексуалните лица. Српските власти, вели Дуња Мијатовиќ, мора да се погрижат оние што сакаат да излезат на улица за еднакви човекови права и за достоинство да можат безбедно да го сторат тоа.

Србија мора „да ја гарантира слободата на мирно собирање и слободата на изразување за сите“, рече Мијатовиќ и нагласи дека во Југоисточна Европа „има уште многу да се направи во борбата против дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ-луѓето“.

„Очите на цела Европа се вперени во Србија“

Веста за забраната на парадата на Европрајд во Белград ја објавија и повеќе германски медиуми. Агенцијата Дпа ја пренесува најавата на координаторот на Европрајд Горан Милетиќ дека организаторите ќе поднесат жалба на одлуката на МВР и дека прошетката сепак ќе се одржи.

Повторно се пренесува и пораката што комесарот на германската влада за ЛГБТИ-заедницата, Свен Леман, ја испрати во понеделникот во Белград, пред одлуката за забраната. „Ќе биде фатален сигнал и огромен чекор наназад ако токму самиот зенит на Европрајд не може да се одржи или не биде соодветно обезбеден“, рече политичарот на германските Зелени во писмото упатено до српскиот претседател Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ. „Очите на цела Европа се вперени во Србија. Луѓе од многу земји ќе дојдат на гости во Белград“, напиша Леман. Неколку пратеници од Европскиот парламент претходно најавија дека ќе дојдат во Белград на Европрајд.

Вкоренета хомофобија

Католичката новинска агенција КНА посебно укажува на критиките упатени кон Српската православна црква (СПЦ). Таа потсетува дека минатата недела поглаварот на Српската православна црква се изјасни против Европрајд. Се пренесуваат и зборовите на патријархот Порфирије дека зад ова се крие „длабока и систематска закана за сите основни вредности“ што општеството ги следи со векови, а „особено за светоста на бракот и семејството“.

Веста за забраната ја пренесува и магазинот Шпигл на својата веб-страница. И покрај тоа што потсетува дека Србија е првата земја во Југоисточна Европа што ќе биде домаќин на Европрајд од 12 до 18 септември, германскиот весник објаснува дека истополовите бракови не се признаваат во Србија и дека „хомофобијата, и покрај одреден напредок во последните години, е вкоренета во земјата“. Се потсетува и дека националната парада, Белград прајд, се одржа во 2001 и 2010 година со насилство и немири, а од 2014 година се одржува редовно, но со големо присуство на полицијата.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе