„Во октомври ѝ подадовме рака на Турција и нашата оценка е негативна имајќи го предвид продолжувањето на едностраните акти и непријателската реторика. Ќе имаме дебата на европскиот самит на 10 декември и спремни сме да ги искористиме средствата кои ни се на располагање“ за санкционирање на оваа ситуација, кажа на конференција за новинарите европскиот функционер, истакнувајќи дека „мора да престане играта на мачка и глушец“.
ЕУ уште во октомври се закани со воведување санкции на Турција доколку не ги сопре нејзините акции, што особено е поврзано со нејзиното дејствување во Либија и Нагорно Карабах.
Мишел истакна и дека Унијата ќе биде единствена „до последниот момент“ на преговорите со Британија по брегзитот, додека Франција се закани со вето ако договорот не ѝ одговара.
„Ќе се држиме до последниот момент, до последната секунда на овој процес за да го гарантираме нашето единство“, кажа Мишел во момент на тензии особено околу риболовот.
На Лондон и Брисел им останува многу малку време да се договорат за текстот на договорот кој би требало да стапи на сила на 1 јануари, кога Британија ќе престане да ги применува европските прописи.
Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари годинава, а до крајот на годината важи преодниот период во кој за неа сè уште важат правилата на ЕУ.