Членките на Европската Унија не успеаја да постигнат договор за нивото на цената на руската нафта која се транспортира по морски пат бидејќи предлогот на Г7 за ограничување од 65-75 долари за барел одделни држави го сметаат за превисок, а други за пренизок.
Европската комисија, Чешка како претседавач на ЕУ, Соединетите Американски Држави и Германија како претседавач на Г7 учествуваа во преговорите за да ги премостат несогласувањата и да постигнат договор пред да стапи на сила ограничувањето на цените на 5 декември.
Претседателот на САД ЏО Бајден кажа дека ограничувањата предложени од Г7 се во игра и додаде дека за тоа разговарал со американската министерка за финансии Џенет Јелен.
„Во тек се поголем број билатерални преговори на многу високо ниво. Ќе се одржи состанок на претставниците на сите ЕУ членки кога ќе биде остварен напредок. Нема смисла да се свикува нов состанок доколку нема промени“, кажа за Ројтерс еден дипломат.
Дипломатите наведоа дека шест од 27 држави на ЕУ се против ограничувањето на цените кое го предложи Г7.
Полска сака ограничувањето да биде 30 долари за барел, тврдејќи дека со руските трошоци за производство кои некои ги проценуваат на 20 долари по барел, предлогот на Г7 би ѝ овозможил на Москва да оствари преголем профит. Литванија и Естонија ја поддржуваат Полска.
„Во принцип, Полска поддржува ограничување на цените на руската нафта но предложеното ниво е екстремно високо“, кажа Адријан Бјернацки, портпаролот на полскиот претставник во ЕУ.
„Овој степен треба да се однесува на трошоците на производството по барел сирова нафта, а не на сегашните пазарни цени“, кажа тој.
Русија околу 70 до 80 отсто од сировата нафта извезува со танкери а не преку нафтоводи. Замислата на ограничувањето е да им се забрани на компаниите за транспорт и соодветните компании кои работат со товари сирова нафта освен ако таа не се продава за помала цена од таа која ќе ја одреди Г7 и нивните сојузници.
Бидејќи клучните компании за морски транспорт и осигурителните фирми се сместени во државите од Г7, ограничувањето на цените значително би ѝ отежнало на Москва да ја продава својата нафта, нејзиниот најголем извозен производ, по повисока цена.
Кипар, Грција и Малта, држави со големи бродски индустрии кои најмногу ќе изгубат ако дојде до опструкција на транспортот на руската нафта, тврдат дека ограничувањето е премногу ниско и сакаат надомест за деловните загуби или повеќе време да се прилагодат.
Руската сирова нафта Уралс УРЛ-Е веќе се тргува во разгледуваниот распон од околу 68 долари за барел.
„Тоа значи дека предложеното ограничување ќе биде исто, или дури малку поголемо од цената која руската нафта ја достигнува на пазарот. Тоа, со други зборови, би било уште едно ограничување на цените кое ништо не ограничува“, наведе организацијата Еуроинтелиџенс.