ЕУ е блиску до компромис со Русија околу Калининград

Превозот на стока преку Литванија до Калининградската област би можел нормално да продолжи за неколку дена, изјавија два извори запознаени со темата, додека европски функционери работат на компромис со балтичката држава за да ги смират тензиите со Москва, пренесува Франс прес.

EPA-EFE

Калиниградската област, која граничи со држави од Европската Унија и зависи од патниот и железничкиот превоз на повеќето стоки преку Литванија, е отсечена од матична Русија од 17 јуни поради санкциите на Брисел.

Европски функционери во моментов преговараат за тоа таа територија да се изземе од санкциите и постои можност да се постигне договор на почетокот на јули ако Литванија се согласи, кажале изворите кои сакале да останат анонимни бидејќи станува збор за затворени преговори.

Иако западните сили се обврзаа дека ќе ја поддржат Украина, повторувајќи го тоа на самитите на Г7 и на НАТО неделава, се потврдува дека е многу тешко за Европа и да ги применува строгите санкции и да избегнува понатамошна ескалација на тензиите со Русија.

Ако традиционалната рута за превоз на руската стока до Калининград преку Литванија не се обнови, балтичката држава се плаши дека Москва може со воена сила да отвори коридор на нејзина територија, кажа еден од изворите.

Германија, која поддржува компромисно решение, има свои војници во Литванија, кои би можеле да се најдат во конфликт заедно со сојузниците од НАТО ако дојде до тоа.

Германската економија, најголема во Европа, исто така во голема мера зависи од увозот на руски гас и ранлива е на какво било намалување на дотокот во случај на ескалација на спорот околу Калининград.

„Мораме да се соочиме со реалноста. Путин има поголема предност од нас. Во наш интерес е да најдеме компромис“, кажа еден од изворите, додавајќи дека Калининград е „свето место“ за Москва.

Портпаролот на литванското министерство за надворешни работи кажа дека ќе продолжи да се консултира со Европската комисија за примената на санкциите. „Санкциите мора да се применуваат и какви било донесени одлуки не би требало да го поткопуваат кредибилитетот и ефикасноста на политиката на санкции на ЕУ“, кажа портпаролот.

Едно од решенијата е прометот меѓу Русија и Калининград да не се смета за меѓународна трговија бидејќи станува збор за руска територија и врз основа на тоа да се изземе од санкциите, но тогаш стоката не би смеела да се извезува, туку да се користи исклучиво во ексклавата.

Меѓутоа, Литванија не сака решение кое би можело да изгледа како отстапка на Русија.

На Русија, според актуелните санкции, ѝ е забранет превоз на железо, челик и метали до Калининград преку членките на ЕУ, а на таа листа од 10 јули ќе се додадат цемент и алкохол, во август јаглен и во декември нафта и нафтени деривати. Во крајната фаза речиси половина од стоките наменети за Калининград ќе бидат на листата на санкции.

Дмитриј Медведев, заменик претседателот на рускиот Совет за безбедност, кажа дека ограничувањата на превозот на стоки до Калининград е дел од западната војна преку посредници и дека Русија има бројни начини за одмазда.

„Постојат многу начини, значителен дел од нив се економски, и ќе им го одземат кислородот на нашите балтички соседи кои ги поддржаа непријателските мерки“, порача Медведев.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе