ЕУ: Бојкотот е неприфатлив, нема „балканска пролет“

Бојкотот на парламентите е неприфатлив, нема „балканска пролет“, гласи ставот на Европската Унија околу случувањата во Албанија, Црна Гора и Србија.

Портпаролката на ЕУ Маја Коцијанчич кажа дека не треба да се споредуваат протестите кои се случуваат истовремено во трите земји во регионот.

Таа ја отфрли констатацијата на албанските медиуми дека е во тек „балканска пролет“, што според нив „може да предизвика сериозна криза за ЕУ“.

„Протестите во секоја земја имаат свои карактеристики и не би ги споредувала тие ситуации“, изјави Коцијанчич во Брисел.

Таа ја прифати оценката на новинарите дека постојат „некои заеднички елементи“ во барањата на граѓаните што протестираат, но истакна дека не се за споредба. „Европската комисија преку своите извештаи ги следи ситуациите во земјите од регионот и ги фали и критикува, секогаш кога е потребно. Извештаите се јасни и јас не би ги споредувала тие ситуации“, истакна Коцијанчич.

За почитувањето на владеењето на правото како едно од барањата кое се повторува и во Албанија и во Црна Гора и во Србија, Коцијанчич оцени дека „владеењето на правото е од апсолутно најголема важност“.

„За тоа разговараме не само со владите, туку и со други соговорници во регионот, за да имаме заокружена слика за ситуацијата на теренот“, заклучи таа.

Ја повтори и осудата на шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за бојкотот на работата на парламентот од албанската опозиција.

„Одлуката на опозицијата сериозно му штети на функционирањето на демократијата во Албанија, бидејќи парламентот е местото каде што се разгледуваат и придвижуваат реформите“, порача Коцијанчич.

Портпаролката на ЕУ истакна дека заедничката порака на Брисел до сите партнери на Западниот Балкан е дека регионот има јасна ЕУ перспектива која може да стане реалност само преку спроведување на реформите.

„Реформите се приоритетот и фокусот. Тие се важни за сите граѓани и затоа нашиот фокус со сите партнери е на нив“, кажа Коцијанчич и додаде дека Европската Унија го унапредила својот ангажман со Западниот Балкан.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе