Ердоган вети поголеми права и слободи на Турците

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот рече дека Турција ќе го зајакне правото за праведно судење и за слобода на изразувањето и здружувањето како дел од новиот акциски план за човекови права.

EPA-EFE/TURKISH PRESIDENT PRESS OFFICE

Планот, ветен неодамна како дел од правните и економски реформи, исто така ќе го подобри судскиот систем, нагласи Ердоган во говорот во претседателската палата во Анкара.

На никој не може да му биде скратена слободата поради неговото мислење, нагласи тој.

Планот од девет точки предвидува мерки за подобрување на судскиот систем во области кои се движат од национализација на земјиште и судења на малолетници до мерки што ќе овозможат брзи судења и подобрени деловни услови.

Ердоган рече дека владата исто така го разгледува прогонот на казнените дела кои се однесуваат на медиумите и на интернетот.

„Зајакнувањето на правото на слобода на изразување, здружување и религија... е целта на која досега најмногу сме работеле“, им рече тој на министрите и другите владини претставници.

„Нема да го полеваме секој цвет што ќе го видиме“, додаде Ердоган. „Додека полевање цвет со свиткана глава значи правда, полевање трн значи суровост“.

Критичарите ја обвинуваат владата на Ердоган за притисок врз судството, кое казни илјадници свои противници по неуспешниот пуч во 2016 година. Анкара тврди дека судовите се независни и тоа го прават поради заканите за земјата.

Турција ги игнорира пресудите на Европскиот суд за човекови права кои повикуваат на итно ослободување на филантропот Осман Кавала, кој повеќе од три години се наоѓа во затвор без судска пресуда, исто така на Селахатин Демиртас, поранешен лидер на третата најголема партија во земјата, прокурдската Народна демократска партија (ХДП).

Судот, чии пресуди се законски обврзувачки, посочува дека ваквите случаи се кршење на човековите права и дека го ограничуваат плурализмот и политичката расправа.

Ердоган исто така рече дека ќе биде формиран комитет за следење на почитувањето на човековите права во затворите и дека секоја година ќе се објавува извештај за човековите права во Турција.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/TURKISH PRESIDENT PRESS OFFICE