Силни и длабоко вкоренети односи

Ердоган: Турција и Србија се клучни земји на Балканот

Турција и Србија се две клучни земји на Балканот и нивната соработка е од суштинско значење за одржување на стабилноста, мирот и просперитетот на Балканот и пошироко во Европа, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган синоќа пристигна во Белград, каде ќе биде гостин на српскиот претседател Александар Вучиќ, а од денес започнуваат официјалните разговори.

„Турција и Србија се две клучни земји на Балканот. Како што Турција во својата непосредна географска средина е клучот за мирот и стабилноста, така е и Србија на Балканот, која има мултиетничка, мултикултурна и динамична структура, во позиција да го отвори патот за регионот“ рече Ердоган во авторскиот текст за Политика.

Затоа, тој процени дека „за одржување на стабилноста, мирот и просперитетот на Балканот и низ цела Европа, соработката меѓу Турција и Србија е од клучна важност“.

„Односите меѓу Турција и Србија се силни и длабоко вкоренети. Во својата долга историја на овие простори, Турците и Србите заедно живееле и заедно егзистирале“, рече Ердоган.

Според неговите зборови и денес можат да се видат траги од заедничката историја во јазикот, архитектурата, кујната, културата и во многу други полиња.

„Иако немаат заедничка граница, Турција и Србија се сметаат за соседи, а тајната е скриена токму во овие блиски односи“, рече Ердоган.

Нема сомнеж, додаде тој, соработката да е неизбежна и поради геополитичката позиција на двете земји.

Заедничката историја по природата на нештата, рече Ердоган, со себе носи некои чувствителни и различни гледишта, што важи и за Турција и за Србија.

„Како земја, на овие разлики ние не гледавме, и не гледаме како на пречки за соработка. Во склад со заедничките цели, се обидуваме нашите билатерални односи да продолжат низ конструктивен пристап и искрен дијалог“, изјави тој.

Според Ердоган, „никогаш ниедна од нашите земји не им дозволи на своите индивидуални проблеми да го нарушат меѓусебното пријателство и соработка“.

„Дури и во најтешките времиња, посебно значење придаваме на одржувањето на дијалогот и меѓусебното разбирање“.

Тој, исто така, нагласи дека билатералните посети на високо ниво, кои зачестија во последно време, претставуваат конкретна манифестација на силната политичка волја што постои во двете земји.

„Турција внимателно и со интерес ги следи економските реформи што Србија успешно ги спроведува последниве години. Ние се обидуваме колку што можеме на нашите српски пријатели да им дадеме поддршка во нивната иницијатива за економски развој“, рече Ердоган.

Како што кажа, основните закони помеѓу двете земји, како што се договорите за слободна трговија, укинување на визите, промоција на инвестициите и Договорот за одбегнување на двојното оданочување, обезбедуваат правна основа неопходна за развој на економските односи.

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе