„Завршија нашите подготовки вдолж границата“, им кажа Ердоган на новинарите во Истанбул пред заминувањето на Генералното собрание на Обединетите нации.
Сојузниците во НАТО Турција и САД почнаа заеднички копнени и воздушни патроли по дел од границата, но Анкара тврди дека Вашингтон преспоро ги воспоставува доволно големите безбедносни зони со кои би се одалечиле курдските сили од границата.
Турција ја разгневи американската поддршка на курдските сили во борбата против Исламска држава. Турција ги смета курдските борци за терористи и сака да ги тргне од границата долга 400 километри.
Сириските демократски сили предводени од курдските единици ИПГ кажаа дека ќе се повлечат до 14 километри во некои области.
Анкара тврди дека Вашингтон се сложил „безбедносната зона“ да се прошири на 32 километри во Сирија.
„Немаме желба да се соочиме со САД. Но не можеме да си дозволиме занемарување на поддршката која САД ѝ ја дава на терористичката организација“, кажа Ердоган.
Неговите коментари за подготовките на границата следат еден ден откако два безбедносни извори потврдија дека во јужните турски покраини пристигнале доктори за да се извршат подготовките за можниот упад во Сирија.
„Се подготвуваме веќе подолго време. Операцијата ќе се спроведе кога ќе има потреба за неа“, кажа изворот.
Турската војска веќе двапати упаѓаше во северна Сирија од 2016 година, а мети ѝ беа милитантите на Исламска држава и силите на ИПГ западно од Еуфрат.