четврток, 23 април 2026

Ердоган на крај може да го урне – пожар

Објавено на

часот

Сподели

Критичарите го напаѓаат поради начинот на кој управува со катастрофата, но и поради тоа што земјата е погодена од економска криза и пандемија.

Вчера беше осмиот ден со жестоки пожари, кои ги предизвика рекордната топлина, како и сушата. Нацијата ужасено ги гледаше снимките и сликите на телевизија, како и на социјалните мрежи. Илјадници луѓе беа принудени да се евакуираат од своите домови. Туристичките одморалишта беа исто така евакуирани, а голем број стада говеда загинаа во пожарот што брзо се ширеше, пренесува Њујорк тајмс.

Ова лето ќе остане запаметено по екстремните временски услови. Германија и Белгија беа погодени од поплави, а во Русија, Италија, Грција, Шпанија, Канада и САД, следуваше бран врелина, а потоа и пожари.

Поради новонастанатата ситуација, растат тензиите во Турција, каде што владата долго време беше цел на обвинувања за корупција и лошо управување, што доведе до влошување на економската состојба во земјата. Најмалку осум лица загинаа во пожарите, додека десетици се хоспитализирани. Повеќе од 170 пожари избувнаа минатата недела во 39 од 81 провинција во Турција, изгореа стотици квадратни километри шума, уништени се земјоделско земјиште и куќи.

Катастрофата главно ги погоди јужните крајбрежни области, кои ги држи најголемата опозициска партија, Републиканската народна партија или ЦХП, а локалните градоначалници и претставници на партијата брзо го вклучија алармот. Но тие наскоро почнаа да се жалат дека не ја добиваат потребната помош од централната влада – авиони и хеликоптери за гаснење на пожарот. Меѓу критиките кон владата на Ердоган беше и тоа што тој одговори на барањата со испраќање на само три руски авиони.

Ердоган би сакал да биде реизбран за претседател за две години, и иако сѐ уште е најпопуларниот политичар во Турција, според анкетите, неговата популарност опаѓа. Во политичките битки противниците и поддржувачите на владата водеа сложени кампањи на социјалните медиуми, критичарите ја напаѓаа владата затоа што не успеала да се избори со пожарите, а владата одговори со обвинувања дека се обидуваат да ја поткопаат државата.

Директорот за комуникации на Ердоган, Фахретин Алтун, ја обвини опозицијата дека ја користи кампањата на социјалните мрежи за да собере пари од странство за да ја поткопа државата.

Лидерот на партијата ЦХП Кемал Киличдароглу во вторникот се придружи во критикувањето на владата, обвинувајќи го Ердоган дека не успеал да воспостави мастер-план за борба против шумските пожари и предупреди дека Турција мора веднаш да се подготви за идните кризи предизвикани од климата.

Ердоган во голема мера остана надвор од конфликтот, ветувајќи дека ќе им помогне на жртвите од пожар и им се заблагодари на странските земји за помошта со противпожарната опрема и авиони. Тој, исто така, во текот на викендот отпатува во еден од најтешко погодените региони и вети дека ќе ги обнови куќите и плевните во рок од еден месец.

Меѓутоа, владините претставници се обидоа да ја префрлат вината за катастрофата врз противниците, сугерирајќи дека пожарите биле подметнати од диверзанти и го опишаа апелот за помош од странство како подмолен заговор против владата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ