„Начинот за решавање на спорот во источен Медитеран е во дијалог и преговори. Ако дејствуваме здраворазумски, ќе можеме да пронајдеме решение што ги задоволува взаемните интереси. Ние не бараме непотребни авантури или зголемување на тензиите“, рече Ердоган.
Турција и Грција се спорат околу територијалните води богати со енергенси, а тензиите меѓу двете земји се зголемија во понеделникот, откако Турција во спорното подрачје започна со истражување на нафта и гас.
Атина веднаш го осуди овој потег како нелегален и побара поддршка од сојузниците во Европската унија.
Франција веднаш ја повика ЕУ да воведе санкции за Турција, а денес во водите на Крит со грчките сили одржа вежби.
Со заеднички грчко-француски воени вежби францускиот претседател Емануел Макрон за прв пат јасно стави до знаење дека неговата земја сака да го засили своето присуство во источен Медитеран.
Франција претходно соопшти дека „привремено ќе го зајакне“ своето воено присуство во источен Медитеран „за да ја следи ситуацијата во регионот и да ја покаже својата решеност да се почитува меѓународното право“.
Без да именува никој, Ердоган рече дека земја која нема ниту крајбрежје во источен Медитеран ја турка Грција да преземе „погрешни потези“ во регионот.
„Никој не смее да има превисоко мислење за себе. Да биде целосно јасно: не обидувајте се да изведете претстава“, порача Ердоган.