„Користа го надминува ризикот“

ЕМА: Ништо не го поддржува ограничувањето на употребата на Астразенека кај некој дел од популацијата

Експертите што ги испитуваат можните врски помеѓу антиковид-вакцината на Астразенека и згрутчувањето на крвта не откриле специфични фактори на ризик, вклучително и возраста, но продолжуваат со анализата, соопшти Европската агенција за лекови (ЕМА).

Фото: ЕПА

„До денес студиите не открија специфични фактори на ризик, како што се возраста, полот или медицинската историја, кои вклучуваат проблеми со згрутчување на крвта за овие многу ретки случаи“, назначени како компликации кај лица вакцинирани со препаратот на Астразенека, според изјавата на Европската агенција за лекови.

ЕМА прецизираше дека нејзиниот комитет за безбедност треба да објави „ажурирани препораки“ за таа вакцина по месечниот состанок закажан за следната недела.

Вчера, Германија, како и голем број други земји, препорачаа препаратот да не се користи за помлади луѓе, откако пријави неколку случаи на проблеми со згрутчување на крвта, иако ЕМА претходно уверуваше дека вакцината е безбедна.

„Не е докажана причинска врска со вакцината, но тоа е можно и во тек се дополнителни анализи“, се вели во соопштението.

Европското регулаторно тело го повтори своето мислење издадено на 18 март дека „придобивките од вакцината во заштитата на луѓето од ковид-19, со поврзаните ризици од смрт и хоспитализација, ги надминуваат можните ризици“.

„Врз основа на сегашните научни сознанија, ниту еден елемент не поддржува ограничување на употребата на вакцината за кој било дел од популацијата“, рече извршната директорка на ЕМА, Емре Кук.

Европската агенција за лекови регистрираше 62 случаи на венска и церебрална тромбоза во светот, од кои 44 во 30 земји од Европската економска област (ЕУ, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн) на 9,2 милиони дози вакцини дадени во таа зона.

Регистрирани се 14 смртни случаи, а засега не може со сигурност да ѝ се припишат на тромбоза, додаде Кук.

Агенцијата прецизираше дека овие делумни податоци не ги вклучуваат статистичките податоци од Бразил, кој во голема мера ја користи вакцината Астразенека, зад Велика Британија и Индија, и дека собирањето податоци е запрено на 22 март и не ги вклучува најновите случаи пријавени во Германија.

Милиони луѓе ја примија вакцината без никаков проблем, а европските регулатори и Светската здравствена организација објавија дека придобивките од вакцината на Астразенека ги надминуваат ризиците.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе