Џонсон три часа се кара со опозицијата во парламентот, ја обвини за кукавичлук (ВИДЕО)

Британскиот премиер Борис Џонсон ги обвини денес бротанските пратеници дека се обидуваат да го спречат излегувањето од Европската Унија, а парламентот го прогласи за „парализиран“. Џонсон поголемиот дел од времето се кара со опозицијата, а сѐ ова трае повеќе од три часа.

„Овој парламент сака брегзитот воопшто да не се случи“, кажа Џонсон во парламентот кој повторно заседава по одлуката на британскиот врховен суд дека неговата суспензија е нелегална и дека премиерот со тоа ги поткопал темелите на британската демократија.

Џонсон денес кажа дека не се сложува со таа одлука и дека станувало збор за „политичко прашање во време на големи национални контроверзи“.

Истакна дека пратениците, противејќи се на неговите планови за излегување од ЕУ на 31 октомври со договор или без, го спречуваат да ги исполни „приоритетите на народот во здравството, полицијата и другите области“. Долниот дом го прогласи за „парализиран“ и го нарече „зомби парламент“ со „зомби опозиција“.

Тој истакна дека на референдумот за членството во ЕУ повеќе Британци гласале за излегувањето отколку што некогаш во историјата гласале за некоја партија, а дека денес постои ризик државата да остане „засекогаш заробена во орбитата на ЕУ“.

„Опозицијата живее во свет на фантазии. Навистина мислат дека можат да го поништат првиот референдум, да закажат друг и дека ќе ги заборавиме изминатите години“, кажа Џонсон, порачувајќи дека пратениците кои се против него всушност не дека не сакаат излегување без договор, туку генерално сакаат да го спречат напуштањето на ЕУ.

Британскиот премиер тврди дека преговорите за нов договор со Брисел се во тек и дека се расправа и за алтернативи за таканеречниот бекстоп, заштитниот механизам за избегнување на враќањето на граничните контроли на ирскиот остров.

Лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин праша зошто тогаш главниот преговарач на ЕУ Мишел Барние еден ден претходно кажа дека нема причина за оптимизам околу преговорите. Тој го повика Џонсон да поднесе оставка, прогласувајќи го за „опасен премиер кој мисли дека е над законот“.

„На премиерот не може да му се верува за Иран, за „Томас Кук“, климатските промени, за брегзитот. За доброто на оваа држава тој мора да замине“, кажа Корбин.

Џонсон ја обвини опозицијата дека бега од избори и дека „наместо да дозволи народот да одлучи, се свртела кон судот“.

„Тоа е политички кукавичлук. Опозицијата не сака да се тргне на страна и да дозволи народот да го каже своето мислење. Лидерот на опозицијата не му верува на народот“, кажа премиерот кој претходно два пати не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот потребно за распишување избори.

„Многу е едноставно. Ако сакате избори, добијте одложување на брегзитот и ќе имаме избори“, му одговори Корбин.

Оставка на Џонсон побара и лидерот на Шкотската национална партија Иан Блекфорд, обвинувајќи го дека користи „јазик кој не е примерен на лидер на која било држава“.

Заминување на Џонсон претходно во телевизиско интервју побара и лидерот на партијата Брегзит Најџел Фараж.

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе