Опозициските пратеници го повикаа Џонсон да се повлече, а некои и од неговата Конзервативна партија рекоа дека треба да поднесе оставка доколку се утврди дека ги прекршувал строгите прописи на својата влада во борбата против ширењето на коронавирусот.
Џонсон, кој дојде на власт во 2019 година со ветување дека ќе обезбеди излез на Велика Британија од Европската унија, досега одбиваше да одговори дали бил на собир во Даунинг стрит на 20 мај 2020 година.
„Дали ќе преживее е неизвесно во моментов“, рече висок конзервативен пратеник, но зборуваше под услов да остане анонимен поради чувствителноста на ситуацијата.
„Тој мора отворено да зборува. Генерално мислам дека ако се извините, тоа го ублажува проблемот. Не може да остане на ова“, рече пратеникот.
Премиерот и неговата сопруга Кери се собраа со 40 други членови на персоналот во градината на Даунинг стрит, откако неговиот главен личен секретар Мартин Рејнолдс испрати покана по е-пошта, користејќи ја заменката „ние“, објави Ај-ти-ви њуз.
Во е-пошта, тој ги повика „по неверојатно тешкиот период“ да го искористат „убавото време“ и да дојдат на коктел забава „со одржување растојание“ во градината на Даунинг стрит.
„Придружете ни се во 18 часот и понесете пијалак со вас“, стои на крајот од пораката.
Портпаролот на Џонсон повеќе пати одби да коментира детали од насловите на медиумите.
Џонсон во среда ќе одговара на прашања во парламентот, а пратениците ќе сакаат да слушнат одговор само на едно прашање: дали бил на забава со пијалак или не?
Весниците, вклучително и оние кои обично го поддржуваат Џонсон, предупредија дека неговата позиција ќе стане неодржлива доколку не го реши проблемот.
„Заврши ли забавата за премиерот? пишува на насловната страница на Дејли Меил, прашање кое многумина го поставуваат откако изби скандалот.