Франција и Германија ја предупредија вчера Русија да не го загрозува територијалниот интегритет на Украина, по невообичаено големата концентрација на руски војници на границата со Украина.
Додека Европа се соочува со зголемување на цената на енергенсите, рускиот претседател Владимир Путин се надева дека германските власти наскоро ќе го пуштат во промет гасоводот Северен тек 2 со кој најголемата европска економија дополнително ќе биде снабдена со руски гас.
Со новиот гасовод се заобиколуваат транзитните земји, особено Украина, чија економија зависи од надоместот за транзит.
„Значи, кога велиме дека го поддржуваме суверенитетот и интегритетот на Украина, тоа не е затоа што сакаме да ѝ бидеме противници на Русија, или дека сакаме на некој начин стратегиски да ја опколиме и поткопаме таа голема земја“, порача Џонсон во говорот, чии делови објави неговиот кабинет.
„Се надеваме дека нашите пријатели можеби ќе препознаат дека наскоро ќе мораме да бираме меѓу дополнителната зависност од руските јаглеводороди преку новите големи нафтоводи и поддржувањето на Украина, мирот и стабилноста“, додаде тој.
ЕУ вчера договори засилување на санкциите против Белорусија, блискиот сојузник на Кремљ, поради наводното организирано доведување на мигранти од Блискиот Исток на границата со Полска, со што Минск сака да ја присили Унијата да ги повлече санкциите.
„Кога нашите полски пријатели побараа наша помош во решавањето на неприродната криза на нивната граница со Белорусија, брзо одговоривме“, кажа Џонсон.