На американските федерални власти им беше кажано дека Џонсон и Џонсон заостануваат од својот првичен распоред за производство и дека ќе го достигнат дури кон крајот на април, кога ќе испорача повеќе од 60 милиони дози, објави Њујорк тајмс, повикувајќи се на луѓе запознаени со ситуацијата.
Претходно оваа недела, главниот извршен директор на Џонсон и Џонсон изјави дека компанијата е на пат до крајот на 2021 година да има близу милијарда дози вакцина против ковид-19 и дека е во завршна фаза на анализа на податоците засновани на опсежно тестирање на вакцините.
Во август, компанијата потпиша договор со американската влада во вредност од милијарда долари за набавка до 100 милиони дози до средината на 2021 година.
Одобрувањето на вакцината на Џонсон и Џонсон може да ја забрза вакцинацијата во САД, бидејќи најверојатно ќе биде потребна само една доза, за разлика од двете досега одобрени вакцини, на Фајзер и Модерна, кои треба да се администрираат во две дози, со интервал од неколку недели.
Компанијата во декември рече дека очекува привремени податоци од доцната фаза на тестирање до крајот на јануари.