Два танкери нападнати во Оманскиот залив, еден е погоден со торпедо? (ВИДЕО)

Два танкери се нападнати денеска во Оманскиот залив.

Тоа се бродовите Фронт алтаир на норвешкиот сопственик Фронтлајн, кој плови под знамето на Маршалските Острови, и бродот Кокука карејџс, изнајмен од сингапурската компанија Бернард Шулте шип менаџмент, кој плови под знамето на Панама.

Како што објави Ројтерс, деталите за нападот се нејасни, но тајванската компанија ЦПЦ Корп, која го изнајмила норвешкиот танкер Фронт алтаир, „се сомнева дека е погоден со торпедо“. Танкерот бил нападнат недалеку од Обединетите Арапски Емирати. Информациите за нападот со торпедо сè уште не се потврдени.

Фронт алтаир, кој носел 75.000 тони сурова нафта, сè уште гори, соопшти норвешки Фронтлајн. Иако иранските медиуми објавија дека танкерот потонал, Фронтлајн го демантираше тоа.

На нападот веднаш реагираа пазарите, па цената на суровата нафта скокна за речиси четири проценти, на повеќе од 62 американски долари по барел.

Сингапурската компанија БСМ шип менаџмент рече дека Кокука карејџс бил нападнат двапати, и тоа со „некој вид граната“, пренесе Си-ен-ен, а еден морнар е полесно повреден во инцидентот.

Првиот проектил го погодил танкерот над површината на морето, по што на бродот избил пожар, кој набргу бил угасен, рече Мичио Јуубе, менаџерот на јапонската компанија Кокука Сангјо.

Портпаролот на компанијата изјави дека сите 21 член на екипажот го напуштиле бродот и дека ги спасил друг брод, кој се наоѓал во близина.

Бродот не е во опасност да потоне, а метанолот што го носи не е загрозен, изјави портпаролот на јапонската компанија.

Иранските државни медиуми објавија дека токму Иран ги спасил 44-те члена на екипажот по „несреќата“ и дека се префрлени на иранскиот остров Јаск. Иран изрази „загриженост“ во врска со „сомнителните“ инциденти со танкери што биле „погодени“, но не прецизираше кој ги погодил, објави АФП. Јаск се наоѓа на 20 километри од брегот на Оман.

За инцидентот се огласи и иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф, кој изрази скепса кон околностите на нападот.

„Сомнително не е доволен збор за она што веројатно се случило утринава“, рече Зариф. Интересно е тоа што јапонскиот премиер Шинзо Абе е токму во посета на Иран, каде што се состана со врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хаменеи. Ова е прва посета на јапонски премиер во Иран од Исламската револуција во 1979.

Иранската телевизија Прес емитуваше снимки од оштетените танкери.

Петтата американска флота рано утрово примила два повици за помош од танкерите во Оманскиот залив.

„Добивме информации за напад врз танкери во Оманскиот залив“, соопшти Петтата флота, чија база е во Бахреин.

Поморски трговски операции на Обединетото Кралство, организација за безбедност раководена од британската морнарица, соопшти дека го испитува инцидентот.

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе