Драматично сослушување на жената што го обвини кандидатот на Трамп за сексуален напад (ВИДЕО)

Важното сослушување почна вчера во американскиот Сенат во кое сведочи жената која кандидатот за судија на Врховниот суд Брет Кавано го обвинува за сексуален напад и кое може да биде клучно за тоа дали кандидатот на претседателот Доналд Трамп ќе биде избран за доживотната функција, по острата битка меѓу републиканците и демократите.

Случајот, кој ја подели Америка и ја засили политичката поларизација во САД, се случува во време на движењето „И јас“ (#MeToo) против половото насилство и малтретирањето жени.

Кристин Блејзи Форд, универзитетска професорка, и Кавано, конзервативен судија на сојузниот апелациски суд, се единствените двајца сведоци пред сенатскиот одбор за правосудство.

Форд, која пристигна прва, седна во преполната сала опкружена со своите адвокати, наспроти групата сенатори.

Таа тврди дека Кавано на забава пред 36 години, кога таа имала 15 а тој 17 години, ја турнал на кревет и почнал да ја соблекува. Тој ги отфрла обвинувањата. Покрај Форд, Кавано за истите недела го обвинија уште две жени.

Трамп го брани својот кандидат за Врховниот суд, нарекувајќи ги обвинувањата „лажни“ и прашувајќи се зошто жените порано не го пријавиле во полиција. Пред сослушувањето кажа дека со интерес ќе слуша што имаат да кажат.

Лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер го повика Кавано да се повлече и побара веднаш да се прекине процесот на гласање во Сенатот и пред тоа против него истрага да спроведе ФБИ.

Друга водечка сенаторка од редовите на демократите, Дајен Фајнстин, ги пофали „силата и храброста“ на Форд, истакнувајќи дека „знае дека ѝ е тешко“. „Тука сме од една причина, да утврдиме дали судијата Кавано треба да биде воздигнат на една од најмоќните позиции во оваа земја“, заклучи таа.

Форд своето сведочење го почна со драматично признание: „Денес сум тука не затоа што сакам да бидам. Преплашена сум. Тука сум бидејќи верувам дека моја граѓанска должност е да ви кажам што ми се случи кога Брет Кавано и јас бевме во средно училиште“.

51-годишната професорка по психологија го раскажа детално своето травматично искуство, при што беше видно вознемирена, а гласот неколку пати ѝ се скрши. „Брет ме допираше и се обиде да ме соблече. Се мачеше околу тоа бидејќи беше многу пијан и јас носев едноделен костим под облеката. Верував дека ќе ме силува. Се обидував да повикам помош. Кога ќе се обидев, Брет ја ставаше раката преку мојата уста за да ме спречи. Тоа е она што најмногу ме ужаснуваше и што имаше најтрајно влијание врз мојот живот. Ми беше тешко да дишам и мислев дека Брет несакајќи ќе ме убие“.

„Бретовиот напад врз мене драматично го смени мојот живот. Многу долго време се плашев и се срамев да откријам детали кому било. Не сакав да им кажам на моите родители дека, на 15 години, бев во куќа без присутни родители и пиев пиво со момчиња. Се уверив самата себе дека Брет не ме силувал, за да можам да тргнам понатаму и само да се преправам дека тоа никогаш не се случило. Со текот на годините им кажав на мал број пријатели дека доживеав сексуален напад. Никогаш никому не го кажав тоа сѐ до 2012 за време на советување за брачни двојки“, продолжи Форд во сведочењето.

Опиша и што најмногу ѝ се врежало во сеќавањето. „Неизбришливо од меморијата е смеењето. Громогласното смеење меѓу нив двајца и нивната забава на моја сметка“, раскажа таа, зборувајќи за Кавано, кој во тој момент бил врз неа, и неговиот пријател кој бил со него на домашната забава на која се случил нападот.

Форд потоа објасни зошто се двоумела околу изнесувањето на обвинувањата во јавност. „Како ужасниот датум (на сведочењето на Кавано) се приближуваше, се мачев со ужасен избор: дали да ги споделам фактите со Сенатот и да се ставам себеси и своето семејство под рефлекторите? Или да ја сочувам нашата приватност и да му дозволам на Сенатот да одлучи за номинацијата на Кавано без да ја знае целата вистина за неговото јавно однесување: Се мачев секој ден со таа одлука во август и септември 2018“.

Голем број американски новинари, политичари и обични луѓе на социјалните мрежи ја поддржаа Форд и укажаа на непријателската атмосфера со која беше дочекана. „Еве што Кристин Блази Форд гледа додека го опишува своето сексуално искуство“, напиша Осита Нваневу, новинар на Њујоркер.

„Описот на д-р Форд на хемиската основа на травматичната меморија е клучен за сето ова: асиметријата на меморијата за жртвата и извршителот. Првата никогаш не заборава, а вториот може и да не се сеќава“, искоментира новинарот и водител на Ем-ес-ен-би-си Крис Хејс.

„Ако сакате да знаете зошто жените не истапуваат со обвинувања за сексуален напад, гледањето на панелот републикански сенатори кои најмуваат тужителка да се обиде да го расклопи кредибилитетот на Форд на национална телевизија наместо да отворат вистинска истрага го дава објаснувањето зошто“, напиша уредникот на Вокс Езра Клајн.

Други укажаа на огромното внимание кое ова сведочење го предизвика и далекусежните последици кои тоа би можело да го има. „Сите гледаат и се прикажува на секој екран во Вашингтон токму сега“, напиша политичкиот консултант Франк Лунц.

Економистот, Нобеловец и колумнист на Њујорк тајмс Пол Кругман раскажа дека надвор додека џогирал видел жени како шетаат и го гледаат сослушувањето на мобилни телефони. „Мислам дека ова е поголемо отколку што републиканците можеа да си замислат“.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе