Бившиот полски премиер

Доналд Туск како нов претседател на ЕПП треба да ги помири истокот и западот

Централнодесничарската Европска народна партија (ЕПП) за нов претседател го избра Доналд Туск, поранешниот полски премиер што во декември ќе се повлече од функцијата претседател на Европскиот совет.

Туск беше едногласно избран на конгресот на ЕПП во Загреб во средата, вели Политико и додава дека тој е првиот од Источна Европа што ќе ја предводи најголемата политичка групација во Европа, на која ѝ припаѓаат и германските канцелари Ангела Меркел и Хелмут Кол.

Иако германската Демократска унија сè уште е најголемата конзервативна партија во Европа, нејзиното влијание слабее, при што многумина во партијата мислат дека само некој што не е Германец и не е од Западот ќе може да ја задржи ЕПП во предност пред ривалите и да ги смири тензиите Исток-Запад околу владеењето на правото, климатските промени и миграцијата. 

„Со Туск, ќе отвориме ново поглавје во историјата на ЕПП“, рече Дејвид Мекалистер, германски пратеник од конзервативната групација. Тој за Политико рече дека Туск се покажал како „градител на мостови меѓу Истокот и Западот“ и дека има долгогодишно искуство како поранешен премиер и како претседател на Советот.

Политико истакнува дека за прв пат во историјата на ЕПП, бројот на пратениците од Источна Европа го надминал бројот на нивните колеги од Шпанија и Франција, давајќи им на партиите како што се Граѓанската платформа на Туск и романската Национална либерална партија моќ и влијание што досега ги немале. Бугарија има ист број пратеници од десниот центар како и Италија, а меѓу западноевропските сили што ја основаа ЕУ, само Германија има лидер од ЕПП, а тоа е Ангела Меркел, чија кариера е на заоѓање.

За разлика од неговиот претходник, Французинот Жозеф Дал, малку познат оперативец што честопати беше поблизок со Берлин отколку со Париз, од Туск не се очекува да биде близок ниту со Берлин, ниту со Варшава. Тој ѝ е заколнат непријател на полската популистичка владејачка партија Право и правда, а претставниците на ЕПП велат дека најголемата задача ќе биде да ги унапреди тешките односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес.

„Само некој од Источна Европа може да ѝ се спротивстави на реториката на Орбан во ЕПП“, рекол извор за Политико. „Секој исклучиво западен пуч против Орбан би пропаднал“.

Фидес во март беше суспендиран од ЕПП, како дел од напорите на групата да им покаже на гласачите дека сериозно ги сфаќа критиките за антиевропската реторика на Будимпешта и за уназадувањето во областа на владеењето на правото.

Освен со Унгарија, Туск за време на тригодишниот мандат на чело на ЕПП ќе мора да се соочи со голем број предизвици, меѓу кои и заживување на угледниот, но сега веќе морално паднат политички бренд. На изборите за Европскиот парламент во мај оваа групација загуби 35 места како резултат на зголемената поддршка за екстремната десница, за либералната групација поддржана од Емануел Макрон и за Зелените.

Во пресрет на изборот на Туск, Жозеф Дал рече дека екстремните партии продолжуваат да привлекуваат премногу гласачи и дека ЕПП е единствениот „ефикасен противотров против популистите, затоа што не нуди празни слогани, туку конкретни решенија“.

„Значи, го имаме вистинскиот рецепт за победа, но мора да го приспособиме на предизвиците на денешницата и иднината“, рече Дал.

Меѓу овие предизвици се климатските промени, кои се искачија на списокот на приоритети на идната претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лаен, и поради кои ЕПП се обидува да се префрли кон еколошки поприфатлива политичка агенда, заради промовирање економски раст и работни места.

„Треба да ги оствариме климатските амбиции со луѓето и со компаниите, а не против нив. Затоа, потребна ни е економската експертиза на ЕПП“, рече Фон дер Лаен во Загреб.

Климатските напори на ЕУ веќе долго време предизвикуваат поделби меѓу Истокот и Западот. Земјите од Централна и Источна Европа, кои се потпираат на јаглен и други фосилни горива, се противат на плановите ЕУ да стане климатски неутрална до 2050 година. Полска, заедно со Унгарија и Чешката Република, игра централна улога во овој отпор, тврдејќи дека тоа ќе влијае на економската конкурентност и работните места.

Во говорот пред изборите, Туск индиректно ги критикуваше земјите како Унгарија, за кои рече дека сметаат дека „заштитата на нашите граници и територии не може да биде во спрега со либералната демократија и ефикасното владеење на правото“.

Туск не го именува Орбан, но зборуваше за оние што „подигнуваат огради и билборди со антиимиграциска пропаганда“. „Ова е суштината на нашата дебата во Европската народна партија“, рече Туск. „Би сакал да го прекинеме ова што е можно поскоро, со единствениот можен заклучок. Ние нема да ги жртвуваме вредностите како граѓанските слободи, владеењето на правото и пристојноста во јавниот живот на олтарот на безбедноста... секој што не е во можност да го прифати тоа практично е исклучен од нашето семејство“.

 

Комисија на мудреци

Европската народна партија формира тричлена комисија на „мудреци“, во која е и поранешниот белгиски премиер Херман ван Ромпуј, за да ја испита состојбата на демократијата и владеењето на правото во Унгарија и да издаде препораки за тоа дали групата треба да го исфрли Фидес.

Функционери за Политико рекле дека „мудреците“, кои двапати се сретнале со Орбан, а нова средба е закажана за декември, треба да дадат препораки во почетокот на 2020 година. Сепак, функционерите во Загреб рекле дека Туск ќе мора да го реши проблемот со Унгарија или репутацијата на групата ќе биде извалкана. „Навистина владее чувство дека ова е ургентно“, рекол еден функционер.

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе