Договорен итен состанок на Г7 со Зеленски, ЕУ ги осудува руските напади

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побарал од германскиот премиер Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон „остро“ да ѝ одговорат на Русија по силните бомбардирања на украинските градови утринава.

Фото: ЕПА

„Разговаравме за зајакнување на нашата воздушна одбрана, за потребата од остра европска и меѓународна реакција и за зголемен притисок врз Русија“, објави Зеленски на Твитер по итниот разговор со колегите од Германија и Франција, пренесува Ројтерс.

Тој, исто така, побарал итен состанок на групата Г7 (седумте најмоќни економии во светот), на што се согласил канцеларот Шолц.

„Со канцеларот Олаф Шолц од Германија, која претседава со Г7, договорив итен состанок на групата“, напиша Зеленски на Твитер. „Планиран е и мој говор во кој ќе зборувам за терористичките напади на РФ (Руската Федерација). Ќе зборуваме и за посилен притисок врз РФ и за помошта да се врати во функција оштетената инфраструктура.“

Лидерите на групата седум (Г7) во вторник ќе остварат видеоповик со украинскиот претседател Володимир Зеленски по бранот руски ракетни напади врз украинските градови, соопшти германската влада.

Портпаролот на германската влада изјави дека Берлин остро ги осудува нападите врз Украина. Канцеларот го увери Зеленски во континуираната поддршка од Берлин, изјави во понеделник владиниот портпарол Штефен Хебестрајт, пренесува Дпа.

И Макрон во телефонски разговор ја потврдил целосната поддршка за Украина и рекол дека Франција е подготвена да помогне, вклучително и со воена опрема, соопшти Елисејската палата.

„Имав итен разговор со Емануел Макрон. Разговаравме за зајакнување на противвоздушната одбрана, потребата од силен одговор од Европа и меѓународната реакција и за зголемување на притисокот врз Руската Федерација. Франција е со Украина“, напиша Зеленски на Твитер.

ЕУ и одделни европски земји ги осудуваат руските напади

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел е „длабоко шокиран“ од руските напади врз цивили и најави „дополнителна“ воена поддршка за Киев.

„За ваквите акти нема место во 21 век. Најостро што е можно ги осудувам. Ние стоиме со Украина. На пат е дополнителна воена помош од ЕУ.“

Осуди денеска упатија и други лидери на Европската Унија. „Она што се случува сега во Киев е болно“, напиша на Твитер претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

„Така, тие уште еднаш му покажуваат на светот за каков режим станува збор: кој не избира цели. Режим што сее терор, смрт на деца“, додаде таа.

Комесарот за правда на Европската комисија, Дидие Рејндерс, бил принуден да побара засолниште во хотел бидејќи во моментот на нападот бил во Киев. „Ние сме безбедни и го чекаме развојот на настаните“, објави тој на Твитер.

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли го нарече „неприфатливо“ руското бомбардирање цивили. „Така (рускиот претседател Владимир) Путин ја покажува својата слабост, а не својата сила“, рече Клеверли.

Руските напади се „воено злосторство“, изјави шефот на полската дипломатија Збигњев Рау, пренесува АФП.

„Руското бомбардирање на градови и цивили во Украина е варварски чин и воено злосторство. Русија не може да победи во оваа војна. Ние сме со вас, Украина“, рече Рау.

Белгискиот премиер Александар Де Кро го нарече гаѓањето цивили „акт на одмазда“ од страна на Русија и на Твитер напиша: „Оваа ескалација е неприфатлива“.

Италија е „згрозена“ од руските ракетни напади врз украинските градови, објави утринава на Твитер италијанското Министерство за надворешни работи, повторувајќи ја својата „непоколеблива поддршка“ на Украина.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе