Додик наведе дека војската и одбрана, според изворната верзија на Дејтонскиот договор, е во надлежност на ентитетите, додавајќи дека „поради актуелните нарушени односи, РС размислува да ги врати тие надлежности“.
Тој потсети дека парламентот на РС веќе донел одлука да ја повлече претходно дадената согласност за формирање Оружени сили на БиХ.
„Врз основа на таа повлечена согласност правниците ќе дефинираат одредена правна рамка и ние ќе продолжиме да се движиме низ тоа“, кажа Додик.
Тој истакна и дека 9 јануари останува Ден на Република Српска, без оглед на тоа како некој се однесува кон тоа, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави.
Според него, повеќе од една деценија редовно бил одбележуван Денот на РС, сè додека лидерот на СДА Бакир Изетбеговиќ не побарал да биде забранет.
„Сега ние би требало да го прифатиме тоа бидејќи на Изетбеговиќ не му се допаѓа 9 јануари да биде Ден на републиката. Нормално дека нема да го прифатиме, тоа е погрешно само по себе. Факт е дека тоа го побара Бакир Изетбеговиќ и дека уставниот суд на БиХ го уважи тоа негово барање“, истакна Додик.
Тој укажа дека се зборува за инциденти во РС за време на прославата, а дека случувањата во Бужим „минаа незабележано од оние кои ја напаѓаат РС поради Денот на републиката“.
„Од една страна е проблем кога регуларните полициски сили ќе излезат на улица, каде што се секој ден, а не е проблем вооружувањето и новото формирање на „Зелените беретки“ и тоа не предизвикува никаква реакција“, кажа Додик.
Додик истакна и дека мајорот на поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) Милан Тепиќ е „херој на српскиот народ“, наведувајќи дека спомен плочата во негова чест во Бања Лука е „начин на изразување почит кон важните луѓе во српската историја“.
„Ние не им спориме на другите народи тоа да го прават. Тие тоа го прават на својот простор и ние не можеме да го спречиме. Милан Тепиќ е човек кој во колективното памтење на српскиот народ има многу значајно место“, укажа тој.