САД опфатени од насилство

Додека нацијата чека утеха, Трамп од бункерот ги распалува тензиите (ВИДЕО)

Во време кога Белата куќа е под опсада, а државата е на удар на насилни протести, смртоносна болест и економска криза, републиканскиот претседател на САД се чини дека ја користи ситуацијата за да ги обвини екстремистите и агитаторите и предизвика пред изборите во ноември демократите во споредба со него да изгледаат слабо.

Фото: ЕПА

Откако во петокот беше префрлен во бункер додека пред Белата куќа се организираа протести, Доналд Трамп и неделата вечер ја мина во засолниште заштитен од насилството што ги зафати Соединетите Држави.

Трамп по повод растечката криза во земјата не ѝ се обрати официјално на јавноста, но објави низа твитови, опишувајќи ги демонстрантите како „бандити“ и повикувајќи ги градоначалниците и гувернерите да бидат „жестоки“.

„Мора да доминирате, ако не доминирате, губите време. Ќе ве прегазат, ќе изгледате како куп кретени. Мора да доминирате“, им порача Трамп вчера на гувернерите на американските држави.

Претходно вчера Белата куќа повика на воспоставување „ред и мир“ и ги обвини агитаторите за шестата последователна ноќ насилни демонстрации, предизвикани од гнев поради расната нееднаквост и полициската бруталност. Полицијата и пожарникарите со денови се борат за да го сузбијат хаосот и да ги изгаснат пожарите што горат близу Белата куќа, а стотици продавници се ограбени низ целата земја. Националната гарда соопшти дека нејзините членови се распоредени во 23 држави.

Едно лице е убиено во Луисвил, Кентаки, каде што полицијата и членовите на Националната гарда возвратија на огнот додека се обидуваа да ги растераат демонстрантите. Немирите, кои избувнаа додека Соединетите Држави се обидуваат да излезат од карантинот воведен од епидемијата на коронавирусот, почнаа со мирни протести поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис минатиот понеделник. На видеото се гледа бел полицаец како со колено го притиска вратот на 46-годишниот Флојд скоро девет минути пред да почине. Полицаецот Дерек Шовин е отпуштен и обвинет за убиство без умисла, потсетува Ројтерс.

Полицискиот час е во сила во десетици градови низ САД, и тоа на ниво што не е забележано уште од немирите што уследија по атентатот на Мартин Лутер Кинг во 1968 година.

Додека претседателот е критикуван поради тоа што не реагира на кризата, портпаролката на Белата куќа Кејли Мекенени се обиде во изјава за Фокс да ги опише настаните од изминатата недела исклучиво како приказна за радикални активисти, избегнувајќи да зборува за вистинските причини за немирите.

„Неопходно е да се воспостави ред и мир во оваа земја“, рече Мекенени. Таа рече дека Антифа, антифашистичката група, „сигурно стои“ зад насилството.

Фактот дека претседателот и неговата администрација решиле да ја обвинат Антифа покажува дека тие немаат намера да ги решат вистинските причини за очајот во афроамериканската заедница, вели Гардијан.

Дури ни најголемите критичари на Трамп не можат да го обвинат за вирусот, кој потекна од пазар во Вухан, ниту за економскиот колапс, ниту за четиривековното ропство, сегрегацијата, полициската бруталност и расната неправда. Сепак, тие сметаат дека тој само ја влоши и онака лошата ситуација. Според Гардијан, целиот мандат на Трамп водел до овој момент, со токсична мешавина од слабо морално лидерство, расни поделби, вулгарна реторика и поткопување на нормите, на институциите и на довербата во традиционалните извори на информации. Сето ова заедно, вели британскиот весник, создаде запалива атмосфера, која мораше да експлодира.

Додека нацијата попусто чека говор што ќе ги залечи раните, ќе им даде утеха и чувство на заедничка цел и ќе ги признае генерациските трауми на Афроамериканците, американскиот претседател на социјалните медиуми прозива и ги обвинува „либералните демократи“ што се на чело на градовите и државите дека не успеале да ги спречат насилството и грабежите.

„Бидете жестоки демократски градоначалници и гувернери. Овие луѓе се анархисти. Веднаш повикајте ја Националната гарда. Светот ве гледа и ви се смее. Дали е ова тоа што Америка го сака? Не е“, објави Трамп на Твитер.

„Тој не помага... тој не раководи, тој ја продлабочува кризата“, рече градоначалничката на Атланта, Киша Ленс, за Си-ен-ен. „Ако не сака да зборува за единство, почит и помирување и реформа на нашите заедници, тогаш сметам дека не треба ништо да зборува. Само ќе ги влоши работите “.

Според Гардијан, насилството всушност и му овозможило на Трамп да ја избегне темата што ги предизвика протестите - фактот дека одредени полицајци и делови од општеството веруваат дека животите на црнците се евтини. Факт е и дека припадниците на малцинствата се потешко погодени во пандемијата, имаат полошо здравствено осигурување и поверојатно е дека ќе ги загубат своите работни места за време на карантинот, пренесува Ројтерс.

Некои советници, како што јави Си-ен-ен, го повикаа претседателот официјално да ѝ се обрати на нацијата и да повика на смиреност, додека други веруваат дека тој треба уште построго да ги осуди грабежите и немирите, или во ноември ќе ги изгуби гласовите.

Нападите на Трамп врз Антифа посочуваат дека тој решил да ги следи своите инстинкти и ја избрал втората опција.

Но сега, додека здравствената, економската и социјалната криза се хранат една со друга, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Трамп заостанува зад демократскиот ривал Џо Бајден, кој вчера се состана со претставници на афроамериканските заедници и им вети дека ако биде избран за претседател, во првите 100 дена од мандатот ќе формира комисија за надзор на работата на полицијата. Настаните се менуваат со молскавична брзина и претседателскиот мандат на Трамп сега е жестоко обележан со сцени на градови во пламен, пандемија што не сакаше да ја сфати сериозно сè додека не беше предоцна и додека не ги однесе животите на над 100.000 Американци, и на невработеност што се приближува до нивото на Големата депресија.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

повеќе