Денеска почнува историското судење за отповикувањето на Трамп

Историското судење за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп почнува денес во Сенатот. Додека демократите бараат тој да бдие отстранет од функцијата, републиканците се решени да го ослободат, и тоа што е можно побрзо.

Четири месеци откако избувна украинскиот скандал и го засени крајот на мандатот на Трамп, и 10 месеци пред Американците да излезат на избори за да решат дали да го реизберат, 100 члена на Сенатот ќе се соберат денеска во 19 часот, а со судењето ќе претседава претседателот на Врховниот суд Џон Робертс.

Задачата на тие пратеници, кои минатата недела положија заклетва како поротници, е да одлучат дали Трамп ја злоупотребил својата функција и го попречувал Конгресот, за што е обвинет во двата члена за отповикување прифатени од Претставничкиот дом минатиот месец.

Во нив се вели дека Трамп се обидел да изврши притисок врз Украина да се вмеша во изборите во 2020 година за да му помогне да победи, а потоа се обидел да ја спречи конгресната истрага за неговите постапки.

Ова е трет пат американски претседател да минува низ судење за отповикување. Пред него низ тоа поминаа Ендру Џонсон во 1868 година и Бил Клинтон во 1999 година.

Дел од скандалот е поврзан со телефонскиот повик на 25 јули во кој Трамп го притиска украинскиот претседател Володимир Зеленски да покрене истрага за поранешниот потпретседател Џо Бајден, потенцијален ривал на Трамп на изборите во ноември.

Демократите, кои го контролираат Претставничкиот дом и ја водат истрагата, го обвинуваат Трамп дека манипулирал со Украина ускратувајќи ѝ близу 400 милиони американски долари воена помош и условувајќи ја посетата на Зеленски во Белата куќа со отворањето истрага.

 

„Ништо погрешно“

„Претседателот не направи ништо погрешно“, одговорија адвокатите на Трамп во писмото од 110 страници поднесено во Сенатот вчера.

Ова е ставот и на 73-годишниот Трамп, кој тврди дека сагата е политички лов на вештерки и измама, како и дека телефонскиот разговор со украинскиот претседател бил „совршен“.

Правниот тим на претседателот од 12 експерти во писмото ја оспорува идејата за негово отповикување.

Тие ги нарекоа двата члена за отповикување - одобрени во Претставничкиот дом под демократска контрола - производ на „наместен процес“ и уставно неодржливи, бидејќи не содржат прекршување на постоечки закон.

Неговиот тим, во кој има угледни адвокати како Кенет Стар, кој се обиде да го собори Клинтон за неговата афера со Моника Левински, вели дека „Сенатот треба да ги одбие членовите за отповикување и веднаш да го ослободи претседателот“.

 

„Најлошиот кошмар“

„Претседателот Трамп ја злоупотреби својата должност за да побара мешање од странство на нашите избори за своја политичка корист, а со тоа ја загрози нашата државна безбедност, интегритетот на нашите избори и нашата демократија“, изјавија обвинителите во саботата.

Тие рекоа дека однесувањето на претседателот е „најлошиот кошмар за основачите“, мислејќи на авторите на американскиот устав, и дека Трамп заслужува да биде сменет од функцијата.

Сепак, Трамп е речиси сигурен дека ќе биде ослободен, со оглед на републиканското мнозинство од 53-47 во Сенатот.

Тој ќе биде во странство за време на почетокот на судењето, бидејќи синоќа замина на економскиот форум во Давос.

Засега не се знае колку ќе трае судењето.

Првата задача ќе биде да се воспостават правила за прашањата како на пример колку долго ќе се слушаат аргументите на обвинителите, колку долго ќе се сослушува одбраната, колку време ќе биде одвоено за прашањата што ќе ги поставуваат сенаторите, но ќе ги чита Робертс, и дали ќе ги повика сведоците или ќе ги побара нивните докази.

Претставничкиот дом во вторник ќе расправа и ќе гласа за правилата предложени од лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Мекконел, според кои судењето би можело да има многу побрзо темпо од она на Бил Клинтон во 1999 година.

Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, рече дека Мекконел го избрзува судењето и го отежнува за сведоците и за презентирањето документи.

„Во нешто толку важно како што е отповикувањето, решеноста на сенаторот Мекконел не е ништо друго освен национален срам“, рече Шумер во изјавата.

Демократите сакаат да сведочат клучните претставници на администрацијата на Трамп, како што се привремениот шеф на претседателскиот кабинет Мик Мулвани и поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, верувајќи дека тие знаат многу за соработката на Трамп со Украина.

Болтон рече дека ако добие судска покана, спремен е да сведочи.

Белата куќа соопшти дека очекува судењето да заврши за две недели.

Судскиот процес на Клинтон траеше пет недели.

Мекконел рече дека нема да го разгледува прашањето на сведоците при презентирањето докази и сослушувањето, а бидејќи републиканците го имаат мнозинството, ова веројатно ќе преовладее.

Минхенската безбедносна конференција, која со децении служеше како силен симбол на силата на западното сојузништво, оваа година покажа дека јазот меѓу сојузниците е поголем од кога и да е.

повеќе

Време е да се почне да се размислува што може да значи тоа.

повеќе

Која е логиката на Заев и СДСМ со вчерашниот протест што од сега се гледа дека ќе им биде и наративот за целата кампања?!

повеќе