Полицијата во Хонг Конг застрела најмалку еден демонстрант додека антивладините демонстранти вандализираа имот и се судрија со полицијата во насилните протести низ целиот град.
На видео снимено утрово од локалните медиуми се гледа како полицаец истрелува три куршуми во демонстранти во Саи Ван Хо во североисточен Хонг Конг. На снимката се гледа како полицаец се обидува да совлада еден демонстрант, по што одблизу му стрела на друг демонстрант во торзото, кој не е вооружен.
Демонстрантот паѓа на земја, а полицаецот пука уште двапати.
Демонстрантот потоа се обидел да избега од полицијата, но брзо бил фатен.
Видеото утрово масовно кружи на интернет, откако демонстрантите ги блокираа улиците и јавните транзитни станици за време на утринскиот сообраќаен метеж.
Болница во Хонг Конг соопшти дека примила 21-годишен пациент со рана од куршум, кој е во критична состојба, и дека е подложен на операција.
Демонстрантите повикаа на цел ден протести, по смртта на студент-демонстрант во петокот, кој падна на паркинг за време на демонстрациите.