Дали маските помагаат во зајакнување на имунитетот од коронавирусот?

Дали маските, кои многу научници веќе ги сметаат за најефикасна заштита од зараза со коронавирус, имаат и дополнителна корист? Некои експерти веруваат дека луѓето кои ги носат се изложени на помали и помалку штетни количини на вирусот, што потикнува имунолошки одговор, пишува Франс24.

Оваа сеуште недокажана теорија сугерира дека маските може да придонесат за стекнување на имунитет додека се чека вакцина.

Маските за еднократна употреба се препорачуваат ширум светот, главно затоа што овозможуваат заразените лица, носејќи ја, да не ја шират инфекцијата.

„Сметаме дека маските го зголемуваат бројот на асимптоматски инфекции“

И, иако тие не гарантираат целосна заштита, маските потенцијално може да ја намалат количината на вирус што го вдишува нивниот корисник, според студијата објавена овој месец во престижното медицинско списание Њу Ингланд џурнал оф медисин (НЕЈМ).

„Претпоставуваме дека колку поголема количина на вирусот (или инокулум) влезе во вашето тело, толку повеќе се разболувате“, рече коавторот на студијата, Моника Ганди, инфектолог од Калифорнискиот универзитет во Сан Франциско.

„Сметаме дека маските ја намалуваат таа количина на вирус што ја вдишувате и затоа го зголемуваат бројот на асимптоматски инфекции“, додаде таа.

Ганди вели дека асимптоматските инфекции се поврзани со посилен одговор на Т-лимфоцитите, вид на бели крвни клетки, кои реагираат на ковид-19.

„Веруваме дека маските можат да стимулираат некаков имунолошки одговор и да дејствуваат како еден вид ‘мост’ до вакцината“, рече Ганди, додавајќи дека научниците започнуваат неколку студии со кои ќе се обидат да ја тестираат својата теорија. На пример, ќе истражат дали во градовите каде маските биле задолжителни, клиничката слика на болеста била поблага.

„Секако, засега тоа е само теорија, но многу аргументи ни одат во прилог“, рече Бруно Хоен, директор на медицинските истражувања на Институтот Пастер во Париз.

Нивната теорија потсетува на „вариолација“, рудиментирана техника користена пред појавата на вакцината и се однесуваше на изложување на здрави луѓе на поблаги форми на болеста за да се обидат да ги инокулираат против потешки форми.

Така, на пример, во Азија исушените красти од заболените од сипаници во 18 век биле распрснати во ноздрите на здрави луѓе. Ваквите вариолации понекогаш биле фатални за пациентите.

Напис во НЕЈМ укажува на тоа дека изложеноста на мали дози на вирусот го зајакнува имунитетот.

„Тоа е интересна теорија со разумна хипотеза“, изјави за Франс Прес Арчи Клементс, заменик декан на Медицинскиот факултет на Универзитетот Кертин во Австралија.

Но, многу експерти се скептични.

Ангела Расмусен, виролог од универзитетот Колумбија, вели дека е „прилично скептична дека ова е добра идеја“ бидејќи нема докази дека помала доза на вирусот значи и поблага болест, додававјќи дека не се знае многу ниту за времетраењето и нивото на имунитет.

„Тоа е интересна идеја, но има премногу непознато за да може да се каже дека маските можат да се користат како алатка за ‘вариолација’ на луѓето против коронавирусот“, истакна таа.

Хипотезата ќе биде тешко да се докаже, како што потврдија и нејзините основачи. „Вистина е дека оваа теорија никогаш нема да може да се докаже на луѓето затоа што не можеме намерно да ги изложуваме на вирусот“, признава Ганди, додавајќи дека некои студии се покажале корисни, како што е она за морските прасиња спроведено во Хонг Конг.

Таму, научниците симулирале носење маска ставајќи ја меѓу кафезите со заразени и здрави глодари.

Тие заклучле дека заморчињата кои биле ‘маскирани’ имале помала веројатност да го фатат ковид-19, па дури и да се случи тоа, нивните симптоми ќе им бидат поблаги.

И во реалниот свет имало случајни експерименти. Така на брод за крстарење, кој пловел од Аргентина во март, воведена е обврска да се носат хируршки маски по првиот знак на инфекција. Научниците подоцна откриле дека 81 процент од заразените на бродот биле асимптоматски, што Ганди го споредува со 40 проценти на други пловни објекти на кои маските не биле носени.

Таа истакнува дека и тоа е доволно за маските да се гледаат поинаку. На почетокот на пандемијата, претежно во време на недостиг, многу здравствени експерти рекоа дека не се потребни, но денес тие се препорачуваат насекаде за да се забави ширењето на инфекцијата.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе