Во анализата на акциониот план што во Брисел го усвоија лидерите на 10 земји-членки на ЕУ и на три балкански кандидати, берлинскиот левичарски весник „Тагесцајтунг“ посочува дека Балканот ќе ја плати цената на европската политика на одвраќање на бегалците.
„Балканот ќе стане транзитна зона во која 'легитимните' бегалци ќе бидат одвојувани од оние што немаат шанси за добивање азил и кои подоцна ќе бидат депортирани“, критикува дописникот на „Тагесцајтунг“ од Брисел Ерик Бонзе, додавајќи дека „наместо на бегалците да им се дозволи да поминат од една во друга земја, како што правеа до сега, балканските земји сега ќе мора да ги чуваат во т.н. жешки точки“.
„Тагесцајтунг“, кој често е критички настроен кон германската влада, укажува дека и покрај циничното отворање кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и германската канцеларка Ангела Меркел не успеале да го запрат приливот на бегалците, па сега балканските држави се принудени да ја вршат „валканата работа“.