Не се очекува напредок на дводневниот самит во Брисел

Дали Балканот пак ќе остане со празни раце?

Во нацрт-изјавата од самитот се вели дека лидерите на ЕУ ќе ја повторат „целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ“.

Фото: ЕПА

На Косово, кое од 2010 година чека визна либерализација, сопственикот на еден ресторан поставил голема копија на познатата француска Ајфелова кула.

„Го направивме како еден вид утеха за луѓето што не можат да отидат во Париз“, рече Блерим Бислими, сопственик на ресторанот „Те Анија“ (На брод) во селото Јањево во близина на Приштина.

Ројтерс пишува дека оваа шега е одраз на незадоволството низ целиот Балкан поради шансите шест земји - Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија - некогаш да влезат во Европската Унија.

Недостигот од напредок во клучните чекори како што е безвизното патување доведе до такво разочарување што албанските и српските лидери дури размислуваа да не присуствуваат на денешниот самит Балкан-ЕУ во Брисел.

Лидерите на Србија, Албанија и Македонија, Александар Вучиќ, Еди Рама и Димитар Ковачевски сепак решија да одат во Брисел, но Рама изрази апатија на Твитер: „Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема многу да се слушне за нас, но ќе побараме да нѐ слушнат за идејата за Новата европска политичка заедница што ја поддржуваме, за Отворениот Балкан, кој го промовира духот на Европа, и за тоа дека сме заложници на Бугарија, која го уништува“, напиша Рама.

Ковачевски најави дека заедно со Рама и Вучиќ ќе им кажат на лидерите на ЕУ дека доколку не се обезбеди напредок во процесот на евроинтеграции на регионот, тоа ќе биде сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот.

„Доколку не се обезбеди напредок на евроинтегративниот процес, тоа ќе биде сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот“, напиша Ковачевски на својата фејсбук-страница.

Србија во јуни нема да добие зелено светло од Брисел за отворање нов кластер во преговорите со ЕУ, бидејќи, како што соопштија властите во Белград, таа не воведе санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, пишува Радио Слободна Европа.

Во Србија ентузијазмот за членство во ЕУ е толку многу намален што 44 отсто од граѓаните сега се против, а 35 отсто го поддржуваат, додека останатите се неопределени, покажува анкетата на Ипсос во април.

Лидерите на ЕУ и на регионот во Брисел, меѓу другото, ќе разговараат за процесот на проширување и европската перспектива на Западен Балкан, координацијата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и за геостратегиските предизвици од руската агресија во Украина.

Во нацрт-изјавата од самитот, до кој Ројтерс добил пристап, се вели дека лидерите на ЕУ ќе ја повторат „целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ“.

На самитот на 23 и 24 јуни се очекува да биде усвоена препораката на Европската комисија Украина и Молдавија да добијат статус на кандидати за членство во ЕУ.

Ројтерс наведува дека забрзаниот напредок на Украина на патот кон ЕУ само го зголемил чувството на земјите од регионот дека се оставени настрана, дури и ако сите освен БиХ и Косово веќе се кандидати за членство во блокот. Откако ЕК препорача Украина да добие кандидатски статус, многумина се прашуваа зошто БиХ, која исто така помина низ крвава војна во 1990-тите, нема да биде на ист начин наградена. Словенија соопшти дека на самитот ќе предложи БиХ да добие кандидатски статус.

Македонија аплицираше за членство во ЕУ во 2004 година, вели Ројтерс, и сè уште чека да ги почне пристапните преговори по тековните пречки од соседните членки на ЕУ. Прво, Грција побара од Македонија да го смени името, што таа и го направи во 2018 година, со надеж дека ќе го деблокира патот кон ЕУ. Меѓутоа, во 2020 година, Бугарија стави вето на преговорите поради спорот околу историјата и јазикот. Франција соопшти дека прави напори за надминување на проблемот, а ситуацијата дополнително се усложнува поради новата политичка криза во Бугарија. Владата на Кирил Петков падна вчера, кога ѝ беше изгласана недоверба на парламентот за фискалната и економската политика, што потенцијално го отвори патот за нови избори.

Процесот на европска интеграција на Албанија е во застој главно поради тоа што е поврзан со процесот на Македонија. Премиерот Рама рече дека ќе побара тие да се разделат доколку нема напредок на самитот оваа недела. Сепак, за време на неодамнешната посета на Киев со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, Рама рече дека и двајцата целосно го поддржуваат барањето на Украина за кандидатски статус во ЕУ.

„Никој не треба да шпекулира со фактот дека, бидејќи Европа не го исполни ветувањето што ни го даде, нам сега ни пречи што го прави тој чекор во корист на Украина“, рече Рама.

Дипломатите на ЕУ не очекуваат напредок на самитот што ќе се одржи денеска и утре, пишува Ројтерс.

Давањето кандидатски статус на Украина без никаков изводлив напредок за Балканот е исто така „лоша порака“ за регионот, изјави за Ројтерс Звездана Ковач од Европското движење во Србија.

Откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, регионот го посетија германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и сите ја повторија својата поддршка, но не презедоа никакви конкретни чекори.

Ројтерс наведува дека не е постигнат напредок во надминувањето на бугарското вето, ниту, пак, има поширок импулс за помош на Србија и Црна Гора во нивните преговори, кои бараат политички непопуларни реформи.

Премногу услови?

Артон Демхасај од приштинската антикорупциска организација Чоху (Разбуди се) вели дека ЕУ нема јасна политика за проширување за Западен Балкан.

„Ако земјите што сакаат да влезат во ЕУ се соочат со одложувања, тие ќе ги преориентираат своите политики и ќе имаме зголемено руско и кинеско влијание на Западен Балкан“, изјави тој за Ројтерс.

Балканските власти велат дека за разлика од источното проширување на ЕУ, кое ги трансформираше поранешните комунистички држави, како што е Полска, во напредни пазарни демократии, сегашниот пристап на ЕУ нуди премала награда поврзана со премногу услови.

Ројтерс наведува дека некои влади на ЕУ, особено во Франција, Холандија и Данска, стравуваат од негативна политичка реакција во земјите-членки поради миграцијата од Балканот и се обидуваат да ги зголемат реформите.

„Премногу влади мислат дека можеме да продолжиме да поставуваме нови барања за Балканот и да кажеме: ‘Вратете се кога ќе завршите’“, рече еден висок дипломат на ЕУ вклучен во разговорите. „Но тоа не оди така, тие во одреден момент ќе се откажат.“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе