Србија во последните месеци се наоѓа под лупа на европската и американската дипломатија, кои го повикуваат Белград на придружување на западните санкции против Русија поради војната во Украина, и поради постојаните тензии со Приштина, додека Вашингтон и Брисел се обидуваат да наметнат решение инсистирајќи Приштина и Белград да постигнат „трајно правно обврзувачко решение“.
Дачиќ денес во одвоени разговори со европратениците повтори дека Србија „целосно останува посветена на реформскиот процес и унапредувањето на сите сфери на општеството“ и „понатамошниот развој на регионалната соработка која непосредно придонесува на изградба на меѓусебна доверба и процесот на помирување’, поттикнувајќи вкупен развој и реформи на патот кон „полноправно членство во ЕУ“, соопшти српското министерство за надворешни работи.
Шефот на српската дипломатија разговарал со пратеничката на Зелените Виола фон Крамон, европратениците Деметрис Пападакис и Матјаж Немец, и копретседателката на делегацијата на Европскиот парламент во Парламентарниот одбор за стабилизација и придружување Алесандра Морети.
Според кабинетот на Дачиќ, неговите соговорници „позитивно го оцениле процесот на реформи и чекорите кои владата на Србија ги презема за да ја усогласи својата визна политика со ЕУ“, но истовремено го повикале Белград „на понатамошно усогласување на надворешната и безбедносна политика“ со Брисел.
Дачиќ, како што се наведува, истакнал дека Србија нема проблем со усогласувањето на политики на ЕУ „во делот кој не ги нарушува нејзините национални интереси“. Тема на разговорите биле и односите на Белград и Приштина, а истакнато е дека „само отворен дијалог“ може да донесе постигнување компромисно и одржливо решение.