Црногорците нудат државјанство ако купите стан (ВИДЕО)

Компанијата „Адриатик маринас“ од Тиват веќе го изнесе на пазарот на недвижнини имот од комплексот наречен „Бока плејс“, нов дел од луксузното наутичко-туристичко одморалиште Порто Монтенегро, иако изградбата ќе почне дури на крајот на годинава, пишува подгорички Вијести.

Во огласот се вели дека странските купувачи покрај квадратите на станови и деловни простории ќе добијат и гратис црногорско државјанство.

Владата неодамна го вклучи проектот „Бока плејс“ на „Списокот на приоритетни проекти од областа на туризмот“, со што инвеститорите добиваат голем број административни и фискални поволности за реализација на овие проекти, а една од нив е можноста оние што ги вложуваат своите пари во овие проекти да добијат и црногорско државјанство.

Станува збор за доделување државјанство „со прием за спроведување посебна програма за инвестирање од особено значење за економскиот интерес на Црна Гора“, која меѓу странските инвеститори во Црна Гора е позната и како ЦБИ (Државјанство преку инвестиции).

За ЦБИ-програмата на располагање се 144 станбени единици во Бока плејс.

„Тука вие како купувач на еден или повеќе имоти за да го исполните условот за минимална инвестиција од само 450.000 евра може да добиете црногорско државјанство и пасош, кој е рангиран на 34-то место во светот според глобалната мобилност“, велат од продажниот оддел на Порто Монтенегро.

Новиот комплекс ќе се гради во северниот и североисточниот дел на Порто Монтенегро, вдолж Јадранската магистрала, а централниот дел на овој комплекс е нов луксузен кондо-хотел со пет ѕвезди, со капацитет од 96 хотелски сместувачки единици, плус 144 станбени резиденции во овој дел од населбата.

 

Најмалиот стан чини 190 илјади евра

Во структурата на недвижнини што веќе им се нудат на купувачите преку продажната служба на Порто Монтенегро има студио, еднособен, двособен и трисобен апартман, кои чинат од 190.000 до 347.000 евра, додека цените за трисобните пентхаус луксузни апартмани не се објавени во брошурата и ги добива само заинтересираниот клиент во директен контакт.

Патем, Порто Монтенегро проценува дека изградбата на овој комплекс, кој ќе создаде 96 нови работни места, ќе чини скоро 50 милиони евра, а сè би требало да заврши во пролетта 2023 година.

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе