Членот 5 на НАТО и експлозијата во Полска: нема автоматски контранапад, евентуално врз Русија

„Ако се работи за членот 5, ние сме кристално јасни: ќе го браниме секој сантиметар од територијата на НАТО“, рече портпаролот на американското Министерство за одбрана по веста дека имало експлозии од непозната причина во Полска, во близина на границата со Украина.

Фото: ЕПА

Портпаролот на Пентагон со тоа се повика на членот 5 од Договорот за Северноатлантскиот сојуз. Тој гласи:

„Страните се согласни дека оружениот напад врз една или повеќе од нив во Европа или Северна Америка ќе се смета за напад врз сите нив, и затоа се согласни дека, во случај на таков оружен напад, секоја од нив, при остварувањето на правото на индивидуална или колективна самоодбрана признаено со членот 51 од Повелбата на Обединетите нации, ќе им помогнат на страната или страните што се нападнати, преземајќи ги веднаш, поединечно и заедно со другите страни, мерките што се сметаат за неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила, со цел да се воспостави или одржи безбедноста на северноатлантската област“.

Потребна е едногласна одлука

За НАТО е најважна првата реченица, која се толкува како гаранција дека на нападнатите ќе им се помогне. Нападот врз една членка, во овој случај Полска, би се протолкувал како напад врз целата алијанса. Полска би морала да му каже на НАТО каков одговор смета дека е соодветен и каква помош ѝ е потребна. Тогаш членките на НАТО, секоја за себе, би одлучиле како да помогнат. Нема автоматска ескалација или автоматски контранапад, во овој случај евентуално врз Русија. Членовите на Алијансата мора да донесат едногласна политичка одлука за активирање на членот 5.

Формулацијата дека секој сантиметар од територијата на НАТО ќе се брани често се слуша уште од почетокот на руската војна против Украина. Случајот со експлозиите во Полска може да биде тест за тоа што навистина значат тие изјави.

Досега членот 5 од Договорот за НАТО е активиран само еднаш. По терористичките напади на Ал каеда во Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија на 11 септември 2001 година, НАТО го прогласи нападот врз САД за напад врз целата Алијанса. Според тоа, членките на НАТО им помогнаа на САД во борбата против терористите и запоседнувањето на Авганистан од страна на воената мисија на НАТО. Но ова последното не се случи врз основа на Договорот за НАТО, туку врз основа на мандатот на Обединетите нации.

Член 5 или 4?

Не секој напад на територијата на членка на НАТО или на нејзините војници автоматски води кон активирање на заедничката одбрана. Кога сириските војници во пограничната област со Турција ги нападнаа војниците на таа членка на НАТО, претставниците на алијансата ѝ сигнализираа на Турција дека во тој случај активирањето на членот 5 нема шанси за успех. Турција ја има втората по големина војска во НАТО и би можела да се одбрани од такви напади. Досега, во случајот со Турција, имаше само консултации за заканата, според членот 4 од Договорот за НАТО.

Во актуелниот случај во Полска, консултациите се одржуваат според членот 4 од Северноатлантскиот договор.

Меѓутоа, членот 5 од Северноатлантскиот договор оди подалеку. Последната одредба гласи: „Пред каков било оружен напад и сите мерки преземени во врска со него, Советот за безбедност мора веднаш да биде известен. Таквите мерки ќе престанат кога Советот за безбедност ќе ги преземе неопходните мерки за обновување и одржување на меѓународниот мир и безбедност“.

Затоа, доколку НАТО навистина би презел чекори против Русија, акцијата би морал да ја пријави во Советот за безбедност на Обединетите нации. А Русија е постојана членка на Советот за безбедност - и има право на вето.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе