Петчлената коалиција ќе мора да се соочи со порастот на инфлацијата, сѐ поголемиот долг и сѐ повисоките цени на енергенсите и со засилувањето на пандемијата на ковид-19 во минатите седмици, кои сѐ повеќе го оптоваруваат стопанството.
Петр Фиала, претседател на Граѓанската демократска партија (ОДС) и можен премиер, рече дека партиите се договориле за поделбата на местата во владата, но не ги наведе имињата на кандидатите. „Преговорите траеја долго, цел ден, но беа успешни“, рече Фиала во телевизиската изјава по преговорите што траеја повеќе од 12 часа.
„Договорени се коалициска спогодба и програма“, изјави тој.
Партиите собрани во две коалиции освоија 108 од 200-те места во долниот дом на парламентот на изборите одржани на 8 и 9 октомври, победувајќи го премиерот Андреј Бабиш, чии клучни сојузници не влегоа во парламентот.
Еден од главните проблеми со кои ќе мора да се соочи новооснованата коалиција е решавање на состојбата на јавните финансии погодени од пандемијата и од мерките преземени за нејзино совладување, како и со трошењето на владата на заминување, која ги покачи пензиите и платите на вработените во државните служби, притоа намалувајќи ги даноците.
И покрај релативно брзо постигнатата спогодба, до вистинското преземање на мандатот би можело да помине уште некое време со оглед на тоа што клучната личност во процесот, претседателот Милош Земан, е хоспитализиран од 10 октомври и нема речиси никакви информации за неговата состојба.
Фиала кажа дека претставник на канцеларијата на претседателот го известил дека Земан е спремен да се состане со него штом ќе биде отпуштен од интензивна нега, но не изнесе други детали.