Парламентот одобри низа барања на украинскиот претседател, вклучувајќи извоз на украинските житарки преку бугарското црноморско пристаниште Варна, хуманитарна помош и поддршка во влегувањето на Украина во Европската Унија.
Пакетот помош за Украина е усвоен со големо мнозинство од 200 гласа за, само 16 гласа против и еден воздржан, а против испраќањето оружје се социјалистите кои се дел од коалициската влада, но се противат на воената поддршка на Киев среде руската инвазија.
Во близина на парламентот беа одржани неколку собири на поддржувачите и противниците на испраќањето воена помош на Украина, а демонстрантите повремено се судираа. Еден од судирите се случил и кај споменикот на советската Црвена армија.
Активисти се обиделе да го покријат споменикот со украински и бугарски знамиња, но во тоа ги спречиле демонстранти кои сакаат Бугарија да остане неутрална.