Предложија блокадата да се реши во две фази. Прво, да се стават на располагање средствата на земјите што е можно побрзо и подоцна да се види дали треба да се врзат владеењето на правото и финансиските интереси на ЕУ, кажаа Виктор Орбан и Матеуш Моравјецки по состанокот.
Редовно обвинувани од страна на Брисел дека нивните реформи ги нарушуваат демократските вредности на Унијата, тие две земји минатата недела ставија вето на најновиот повеќегодишен буџет на ЕУ и европскиот план за обнова.
Полска и Унгарија се противат на механизмот кој дозволува да бидат лишени од средствата во случај на кршење на владеењето на правото (независно судство, политика против корупцијата), што тие го гледаат како напад врз својата независност.
„Предлогот кој е на маса е неприфатлив за Унгарија“, им кажа Орбан на новинарите. Според него тоа би било знак на победата на правилото на мнозинството.
„И нека тоа биде јасно како што пишува во декларацијата ние ќе ги обединиме силите во овој спор. Унгарија нема да прифати предлог кој е неприфатлив за Полска и обратно“, додаде Орбан.
Орбан се плаши да не биде казнет поради својата антиемиграциска и родова политика.
Неговата влада неодамна предложи амандман на уставот со кој се дефинира дека „мајката е жена, а таткото маж“ и пол како оној кој бил на раѓањето. Зборувајќи во тој контекст Моравјецки го осуди „идеолошкиот конфликт“ против „вредностите“ кои ги брани Варшава.
Кризата предизвика тензии во Европската народна партија (ЕПП), во чии редови е Орбановата партија Фидес.