Црквите затворени, муслиманските молитви откажани

Бројот на жртвите се намали на 253, Шри Ланка се подготвува за нови напади (ВИДЕО)

Шри Ланка во четвртокот го намали бројот на загинатите во самоубиствените бомбашки напади за речиси една третина, на 253, додека властите се во потера по уште најмалку петмина осомничени и се подготвуваат за можноста за нови напади во наредните денови.

Намалувајќи го бројот на мртвите од 359, официјалниот претставник на Министерството за здравство д-р Анил Џасинге, соопшти дека во експлозиите некои тела се оштетени до непрепознавање, што ја отежнува идентификацијата.

Верските лидери, пак, ги откажаа јавните молитвени собири поради предупредувањата за нови такви напади, заедно со одмазднички секташки насилства. Во едно невообичаено конкретно предупредување, американската амбасада во Шри Ланка соопшти дека верските објекти викендов може да бидат нападнати од екстремисти.

Најмалку 58 лица се уапсени во врска со бранот експлозии во цркви и луксузни хотели минатата недела, според полицијата, вклучувајќи го и таткото на двајца од наводните бомбаши-самоубијци - еден од најбогатите трговци со зачини во Шри Ланка. Властите рекоа дека оние што се вклучени во крвопролевањето биле добро образовани и добро финансирани.

Властите во Шри Ланка ја обвинија локалната муслиманска екстремистичка група Национал товид џамат. Групата Исламска држава, исто така, ја презеде одговорноста, иако функционерите сè уште го испитуваат степенот на нејзината вмешаност.

Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, рече дека во земјата се на слобода милитанти што може да имаат експлозиви и „може да извршат самоубиствен напад“.

„Приведовме многу осомничени, но сè уште има активни луѓе во бегство“, рече тој во интервјуто за Асошиејтед прес. „Можеби со себе имаат експлозиви, па мора да ги најдеме“.

Полицијата апелираше за информации за уште три жени и двајца осомничени за вмешаност во бомбашките напади.

Масакрот предизвика страв од уште поголемо секташко насилство во Шри Ланка, земја со 23 милиони жители, од кои околу 70 отсто се будисти, а останатите се муслимани, хиндуси и христијани.

„Властите во Шри Ланка известуваат дека може да се случат нови напади врз верски објекти“, предупреди американската амбасада на Твитер. „Избегнувајте ги овие области во текот на викендот, почнувајќи од утре.“

Велика Британија им советуваше на своите граѓани да не патуваат во оваа островска земја.

Исламскиот верски министер во Шри Ланка апелираше до муслиманите да избегнуваат собирање на молитвите в петок и ги повика да се молат дома.

Пладневните молитви се најважни за муслиманите. Премиерот рече дека муслиманите што го осудија нападот би можеле да бидат во опасност.

Здружението на исламските теолози ги повика жените да не „им пречат на безбедносните сили“ со носењето превези врз лицата.

Свештеникот Нирошан Перера, кој ги надгледуваше погребите на десетици луѓе убиени во експлозијата во црквата Сент Себастијан во Негомбо, во близина на Коломбо, рече дека католичките цркви во градот се затворени и дека по совет на владата, ја откажале мисата.

Лидерите на Шри Ланка потврдија дека разузнавачките власти неколку недели претходно дознале за можноста за напад.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе