Бројот на загинатите во терористички напади минатата година изнесувал 13.826, што е пад за 15 отсто во однос на 2018 и петта година по ред таа бројка паѓа од 2014 година, објави Институтот за економија и мир (ИЕП) во својот глобален индекс на тероризам.
ИЕП предупредува дека бројот на убиените поради десничарскиот радикализам во Северна Америка, Западна Европа и Океанија пораснал за 250 отсто во последните пет години, а минатата година имало 89 загинати во такви случаи.
„Тоа ниво сега е највисоко во изминатите 50 години“, објави ИЕП, а пренесува Франс прес. Институтот истакнува дека конфликтите и понатаму се главна причина за тероризмот бидејќи повеќе од 96 отсто од нападите во 2019 година биле извршени во држави каде трае војна или насилни судири.
Најголемиот пад на бројот на убиени е во Авганистан и Нигерија, но тие остануваат единствените две држави каде бројот на убиени е над илјада.
И покрај падот на бројот жртвите на тероризмот на глобално ниво, тој и понатаму е значајна и сериозна закана во многу држави, а ситуацијата се влошува во Буркина Фасо, Шри Ланка, Мозамбик, Мали и Нигер.
Втора година по ред најпогоден регион е јужна Азија.
„Со влегувањето во новата деценија гледаме нови закани на тероризмот. Најголемите примери се растот на крајната десница на Западот и влошувањата во Сахел (северна Африка)“, изјави Стив Килелеа, извршниот директор на ИЕП.
Талибанците минатата година и понатаму беа најсмртоносната терористичка група, а Исламска држава и понатаму опаѓа, иако подружниците ѝ се сè уште активни, особено во супсахарска Африка. ИЕП заклучува дека коронавирусот и последичниот економски пад веројатно ќе ги зголемат политичката нестабилност и насилството.