Поразот ќе го зголеми притисокот врз Џонсон во неговата партија и ќе ги зајакне јавно и приватно изразените стравови дека угледот на партијата страда под негово водство.
Кандидатката на партијата Либерални демократи Хелен Морган освои место во Северен Шропшир на дополнителните избори. Таа победи со предност од 6.000 гласа, откако конзервативците на претходните избори, во 2019 година, извојуваа убедлива победа со предност од 23.000 гласови.
„Вечерва, луѓето од Северен Шропшир зборуваа во име на британскиот народ. Тие рекоа гласно и јасно: Борис Џонсон, забавата заврши“, рече Морган во победничкиот говор.
„Нашата земја плаче за лидерство. Господине Џонсон, вие не сте лидер“, додаде таа.
Конзервативците победувале на сите претходни избори за оваа претежно рурална област во централна Англија од создавањето на изборната единица во нејзината сегашна форма во 1983 година, а историски конзервативците доминирале во регионот речиси 200 години.
Ова е нов удар за Џонсон, кој веќе е мета на критики, вклучително и поради скандалот дека неговиот персонал организирал забави минатиот Божиќ, кога земјата беше во карантин.
Северен Шропшир се залагаше за брегзит и беше цврсто упориште на конзервативците. Аналитичарите велат дека тешкиот пораз на Конзервативната партија дополнително ќе го поткопа авторитетот на Џонсон над пратениците, од кои некои веќе јавно се противат на плановите за воведување ковид-сертификати.