Британскиот врховен суд одлучува за легалноста на суспензијата на парламентот

Британскиот врховен суд денес ќе ги сослуша правните аргументи против одлуката на британскиот премиер Борис Џонсон да ја суспендира работата на парламентот за да оневозможи преиспитување на плановите на владата за излегувањето на Британија од Европската Унија.

Во сличниот уставен спор во 2017 уставниот суд пресуди против тогашната влада заклучувајќи дека министрите не можеле да го почнат двегодишниот процес на излегување од ЕУ без одобрување од парламентот.

Тој случај го иницираше активистката Џина Милер, чија партија е и во сегашниот уставен спор, а која ја поддржа и поранешниот конзервативен премиер Џон Мејџор придружувајќи се на нејзината тужба.

Врховниот суд планира да ги сослуша сите аргументи во следните три дена, а одлуката на судот не се очекува пред петок.

Аргументите ќе ги изнесуваат тимовите кои поднесоа посебни тужби и во Англија, Ирска и Шкотска.

Врховниот шкотски суд минатата недела пресуди дека одлуката на Џонсон за суспензија на парламентот била незаконска и претставувала „вџашувачки“ обид за поткопување на парламентот, додека англискиот суд предметот го отфрли како политички.

Џонсон ги отфрли повиците повторно да го свика парламентот тврдејќи дека не ја измамил кралицата Елизабета Втора кога од неа побарал одобрение за суспензијата. Тој на 28 август побара од кралицата да ја суспендира работата на парламентот на пет недели до 14 октомври, односно две недели пред излегувањето на земјата од ЕУ.

Активистката Џина Милер, која се бори против излегувањето на Британија од ЕУ, вели дека она за што врховниот суд треба да решава е „поважно и од самиот брегзит“.

„Станува збор за тоа како се управува со земјата, станува збор за зачувување на нашите древни демократски слободи, обидот по секоја цена да се сопре создавање опасен преседан кој се заканува сите нас да нѐ осиромаши и уставно и политички и економски“, напиша Милер вчера за Индипендент.

Ако 11-те судии пресудат дека суспензијата е незаконска, Џонсон ќе треба повторно да го свика парламентот и ќе биде изложен на силен политички притисок да го објасни „советот“ што ѝ го дал на кралицата кога барал суспензија на парламентот.

Џонсон во видеоснимка која беше објавена вчера на Твитер кажа дека некои пратеници „мислат дека суспензијата е антидемократска иако два пати им понудивме избори кои ги одбија покажувајќи дека немаа рбет“.

„Тие луѓе имаа три години да размислат за брегзитот“, кажа Џонсон.

Критичарите на Џонсон сметаат дека, ако врховниот суд ги прифати аргументите на противниците на британскиот премиер, тој ќе мора да поднесе оставка бидејќи ја довел кралицата во заблуда.

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

повеќе