Војводата од Единбург е примен во болница откако почнал да не се чувствува добро, соопшти Бакингемската палата.
Принцот Филип, кој има 99 години, бил примен по совет на неговиот лекар и во соопштението на палатата се вели дека станува збор за мерка на претпазливост.
Во соопштението се вели: „Неговото кралско височество војводата од Единбург беше примен во болницата Кинг Едвард VII во Лондон, во вторникот вечерта. Приемот на војводата е мерка на претпазливост, по совет на докторот на неговото кралско височество, откако тој не се чувствувал добро. Се очекува да остане во болница неколку дена на набљудување и одмор“.
Филип, кој е добро расположен, вели Гардијан, влегол во болницата без помош. Извор рече дека болеста не е поврзана со ковид и дека престојот во болница е чисто од претпазливост.
Нему краток период не му било добро и лекарот бил повикан во замокот Виндзор, каде што се изолирани тој и кралицата. Кралицата останува во Виндзор, вели Гардијан.
Кралицата и Филип, кои во ноември ја прославија 73-та годишнина од бракот, во јануари беа вакцинирани против ковид-19.