Британскиот парламент ја презема контролата врз брегзитот

Британските парламентарци синоќа по долга расправа гласаа и ја преземаа контролата врз процесот на излегувањето на Британија од ЕУ.

Со 329 гласови за и 302 гласови против, парламентарците гласаа за амандманот што го предложи пратеникот Оливер Летвин. Според тој амандман на парламентот му се дозволува да го води дневниот ред во парлементот кога станува збор за брегзитот.

Тоа значи дека парламентот повеќе не е врзан со опции кои на гласање ги става премиерката Тереза Меј, туку сега членовите на парламентот ќе ги ставаат своите предлози на дневниот ред и ќе гласаат за нив и така ќе се обидат да го решат проблемот со брегзитот.

Со синоќешното гласање парламентот си ја отвори можноста во среда да одржи низа гласања за алтернативните опции за брегзитот.

Си-ен-ен јавува дека пратениците утре ќе можат да гласаат за најмногу седум варијанти за решавање на брегзитот, но се додава дека Тереза Меј не е обврзана да го прифати тоа што ќе го изгласаат.

Но, договорот на британската премиерка парламентарците веќе го одбија двапати, а таа самата во понеделникот попладне изјави дека нема поддршка од парламентот за својот договор и дека нема по третпат да го става на гласање сѐ додека не биде сигурна дека ја има поддршката.

Би-би-си јавува дека премиерката им наложила на своите министри да гласаат против амандманот.

Тројца министри сепак гласаа за Левиновиот предлог и дадоа оставки на своите позиции. Со нив тројца, бројот на министри кои заминаа од владата на Тереза Меј, односно дадоа оставки, порасна на 29.

Освен на министрите, таа наложила и на партијата, односно на членовите на партијата кои се во парламентот, да гласаат против, но сепак за амандманот гласаа 30 членови на нејзината партија.

Затоа британските медиуми пишуваат дека Меј нема контрола ни врз брегзитот, ни врз владата, ни врз партијата.

Како што јавува Би-би-си, утре ќе се одржи гласање за разните опции за брегзитот, а ќе се гласа и за договорот на премиерката Меј.

Некои од наведените опции се повлекување на Членот 50 и откажување од брегзитот, нов референдум, гласање за договорот на премиерката со останување во царинската унија, гласање за договорот на премиерката со останување во царинската унија и пристап до единствениот пазар на ЕУ, гласање за договор за слободна трговија со ЕУ или пак гласање за брегзит без договор.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе