Сред Џонсоновата реконструкција на владата

Британскиот министер за финансии поднесе оставка

Британскиот министер за финансии Саџид Џавид поднесе денес оставка, во неочекуван потег на денот кога премиерот Борис Џонсон ја реконструира својата конзервативна влада.

Се очекувало Џавид да го задржи своето место во реконструираниот кабинет, но тој ја одбил наредбата на премиерот да го отпушти својот тим советници, велејќи дека „ниту еден министер со самопочит“ не може да прифати таков услов.

Џонсон го именуваше Џавид, претходно министер за внатрешни работи, на функцијата министер за финансии во јули кога стана премиер.

Оставката на Џавид доаѓа во незгодно време бидејќи за четири недели е предвидено да се претстави годишниот буџет, што сега ќе го чека новиот министер.

Кратко по објавата за оставката на Џавид, за нов министер за финансии е именуван Риши Сунак, главен секретар во Министерството за финансии откако Борис Џонсон ја презеде функцијата во јули 2019 година.

Оставката на Џавид уследи по извештаите дека тој се судрил со моќниот советник на Џонсон, Доминик Камингс.

Политичката уредничка на Би-би-си наведува дека на Џавид му било понудено да остане министер за финансии под услов да ги отпушти сите свои советници, што тој одбил и ја напуштил функцијата.

Џонсон денес направи промени во својата влада, отпуштајќи и именувајќи министри на клучни позиции, со цел да ја зацврсти својата контрола над владата, по освојувањето големо парламентарно мнозинство на изборите во декември. Таа победа му овозможи да го спроведе излезот на Велика Британија од ЕУ на 31 јануари, со тоа исполнувајќи го клучното предизборно ветување.

Конзервативната влада на Џонсон сега се соочува со уште поголем предизвик да преговара за нови односи со 27 членки на ЕУ до крајот на годината. Двете страни настојуваат да постигнат договор што ја опфаќа трговијата, безбедноста и другите области до крајот на пост-брегзит преодниот период на 31 декември.

Неколку истакнати жени во владата на Џонсон, меѓу кои и министерката за стопанство Андреа Ледсом, за животна средина Тереза Вијерс и за станбени прашања Естер Маквеј, рекоа дека утрово биле сменети.

Џонсон го отпушти и министерот за Северна Ирска, Џулијан Смит што беше неочекуван потег. Смит беше фален затоа што помогнал да се излезе од политичката блокада поради која Северна Ирска била без влада и собрание три години.

Министерот за правда, Џефри Кокс исто така замина велејќи дека Џонсон од него побарал да поднесе оставка.

Покрај реконструкцијата на владата, Џонсон треба да назначи и нов лидер за Конференцијата за климатски промени на ОН, чиј домаќин е Велика Британија подоцна оваа година. Климатскиот самит треба да се одржи во Глазгов во ноември. Планирањето на конференцијата започна бурно кога Џонсон минатата недела ја отпушти Клер Онил, поранешна министерка во владата именувана минатата година да го води настанот.

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе