Британски пратеници: Грешки и задоцнети мерки се причината за големиот број жртви од ковид

Сериозните грешки и задоцнетите мерки на британската влада и научните советници чинеа животи на голем број луѓе во пандемијата на ковид-19, се вели во загрижувачкиот извештај на пратениците, што во вторникот го пренесоа светските агенции.

Фото: ЕПА

Студијата е спроведена од меѓупартискиот Комитет за наука и технологија и Комитетот за здравство и социјална заштита. Во неа се вели дека подготовките на Велика Британија за пандемијата биле премногу фокусирани на сличноста со грипот, а министрите предолго чекале со мерките на затворање во почетокот на 2020 година.

Пратениците во обемен извештај предупредуваат дека британското планирање било „премногу тесно и нефлексибилно, базирано на моделот на грип“ и дека не научиле лекции од Сарс, Мерс и ебола.

Поранешната главна лекарка Сели Дејвис им рече на законодавците дека преовладувало „групно мислење“ според кое експертите за заразни болести не верувале дека „Сарс, или друг Сарс, ќе дојде од Азија до нас“.

Националниот регистар за ризици во Велика Британија, кој бил во сила на почетокот на пандемијата, навел дека „веројатноста за ширење на заразна болест во Велика Британија се проценува дека е помала од онаа на пандемски грип“. Исто така, било кажано дека максимум 100 луѓе можат да умрат за време на појавата на која било нова заразна болест.

Откако ковид-19 се појави во Кина, пратениците рекле дека британската политика ќе преземе „постепен пристап“ за интервенции како што се физичка дистанца, изолација и затворање.

Студијата вели дека тоа се сметало за „промислена политика“ предложена од научници и прифатена од британските власти, која во меѓувреме се покажала како „погрешна“ и довела до повеќе смртни случаи.

Пратениците велат дека „одлуките за затворање и социјално дистанцирање во првите недели од пандемијата - и препораките што довеле до тоа - се еден од најважните неуспеси во јавното здравство што ги има доживеано Велика Британија“.

Што се однесува до прашањата дали владата имала за цел да постигне колективен имунитет, пратениците велат дека иако тоа не било официјална владина стратегија, постоел „фаталистички пристап“ кон ковид-19 во почетокот на 2020 година, наместо поригорозен пристап да се запре ширењето на вирусот, усвоен од многу земји од Источна и Југоисточна Азија, се наведува во истражувањето.

Експертите и министрите настојуваа „само да ја ублажат брзината на инфекција“ кај населението, измазнувајќи ја кривата, наместо да се обидат целосно да го запрат ширењето.

„Политиката се водеше до 23 март, според официјалните научни препораки кои владата ги добивала, а не наспроти нив“, се додава во извештајот.

Патрик Валанс, главниот научен советник на владата, изјави на владина прес -конференција на 12 март минатата година дека не е можно да се спречи луѓето да се заразат, ниту пак тоа е посакувана цел.

Откако слушнале докази, вклучително и од поранешниот советник на премиерот Доминик Камингс и поранешниот министер за здравство Мет Хенкок, заклучокот на пратениците бил дека само неколку дена пред заклучувањето на 23 март луѓето во владата и советниците „доживеаја симултани просветлувања дека насоката на Велика Британија е погрешна, потенцијално катастрофална“.

Работата на Лондонскиот империјален колеџ, презентирана пред Научно советодавната група за итни случаи (САГЕ), бил меѓу моделите што покажуваат дека епидемијата без ублажување може да резултира со околу 500.000 смртни случаи во Британија.

Пратениците заклучуваат дека е „зачудувачки“ што на САГЕ му требало толку време да каже дека е потребно целосно затворање, додавајќи дека веруваат дека доказите покажале дека затворањето е „неизбежно“.

Меѓу другите критики упатени од страна на пратениците во извештајот на 151 страница, е дека Велика Британија спроведувала „делумна гранична контрола“ само со земјите со висока стапка на зараза, иако 33 проценти од инфекциите во првиот бран биле доведени од Шпанија и 29 проценти од Франција.

Понатаму, постоело лажно верување дека јавноста нема да го прифати заклучувањето или дека ќе го прифати само на краток период.

Тие додаваат дека одлуката да не се тестираат лицата отпуштени од болници во домови за стари лица, која била на сила на почетокот, била погрешна и довело до смртни случаи.

„Одговорот на Обединетото Кралство беше комбинација од некои големи достигнувања и некои големи грешки. Клучно е да учиме од сè за да се осигуриме дека правиме најдобро што можеме во остатокот од пандемијата и во иднина“, се вели во заедничката изјава на претседателите на комитетите, ториевците Грег Кларк и Џереми Хант.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе