Велика Британија одлучи главниот приоритет да го даде на вакцинирањето што повеќе луѓе, па го продолжи временскиот интервал помеѓу првата и втората доза од три на 12 недели. На овој начин, властите сакаат да обезбедат заштита на што повеќе луѓе од коронавирусот.
Но Фајзер и Бионтек постојано предупредуваат дека нема докази дека вакцината ќе ги задржи своите заштитни својства против вирусот доколку втората доза не се примени до 21 ден по првата.
Здружението на британски лекари (БМА) во писмото до Крис Вити истакнува дека ја поддржува одлуката за примена на втората доза на вакцината најмногу 42 дена од првата инокулација и дека подолгиот временски интервал не е во согласност ни со упатствата на СЗО.
„Британската стратегија е сѐ поизолирана и отстапува од практиката на голем број земји“, се вели во писмото.
Лекарите предупредуваат и дека, со оглед на непредвидливоста при набавката, нема гаранција дека дозите на вакцината Фајзер ќе бидат достапни во рок од 12 недели.
Вити рече дека одлуката за продолжување на временскиот интервал помеѓу двете дози е донесена во интерес на јавното здравство, со верување дека првата доза носи најголема заштита и затоа е важно да се вакцинираат што повеќе луѓе со неа.
Околу 5,38 милиони Британци веќе ја примија првата доза на споменатата вакцина.