„Задоволство ми е да ве информиран дека нема да ги реализираме плановите за ковид-пасошите“, кажа за Би-би-си британскиот министер за здравство Саџид Џавид.
Планот, кој требаше да стапи на сила на крајот на септември, подразбираше дека секој кој влегува во затворен простор во кој престојуваат поголем број луѓе – како ноќни клубови – мора да покаже доказ за целосна вакцинација.
„Мислам дека можеме да кажеме дека на повеќето луѓе таа идеја инстинктивно не им се допадна“, кажа Џавид. „Мене никогаш не ми се допаѓаше идејата да им кажувам на луѓето дека мора да покажуваат документи или што било друго за да прават нешто што е всушност секојдневна активност“.
„Меѓутоа, планот сепак ќе биде оставен во резерва како потенцијална опција“, кажа тој.
Претходно овој месец, министерот за вакцини Надим Захави кажа дека ковид-пасошите се неопходни за големите објекти да останат отворени, што предизвика гнев кај угостителите.
„Оваа идеја отсекогаш беше дискриминаторска“, кажа Саша Лорд, советничка за економијата на ноќниот живот во Манчестер. „Покажавме дека можеме да организираме безбедни настани“.
Пред неколку дена, пратениците во Шкотска гласаа дека влезот во одредени објекти – како ноќните клубови, местата каде што се одржуваат музички фестивали и одделни фудбалски стадиони – ќе биде дозволен само со ковид-пасоши.
Од шкотското здружение на индустријата на ноќниот живот кажаа дека тој план опасно ќе го загрози опстанокот на секторот.