Бугарскиот премиер

Борисов по изборите предлага формирање експертска влада

Бугарскиот премиер Бојко Борисов предложи денес формирање повеќепартиска влада на експерти по парламентарните избори на кои неговата партија ГЕРБ води според првични резултати, но не освојува мнозинство.

EPA-EFE

„Предлагам мир – да ги искористиме експертите и до декември да ја преземе одговорноста за борбата со пандемијата за повторно да може да се напредува“, кажа денес Борисов. Не ги наведе имињата на потенцијалните експерти во таквата влада.

Проевропската владејачка партија на Борисов според анкетата на Галуп може да смета на 25 отсто од гласовите во најсиромашната членка на Европската Унија.

Се очекува уште шест партии покрај ГЕРБ, вклучувајќи три кои произлегоа од минатогодишните протести, да освојат места во парламентот.

Борисов со видео на Фејсбук им се обрати на протестните партии. „Немате експерти, немате луѓе, треба да учите, но ние имаме огромен потенцијал“, кажа долгогодишниот бугарски премиер.

Бугарите вчера бираа 240 пратеници на националното собрание во Софија. Одзивот на гласачите беше околу 48 отсто.

Борисов го чекаат тешки коалициски преговори за да обезбеди нов четиригодишен мандат, а опциите за формирање коалиција ги комплицира појавувањето на популистичката партија Има таков народ на популарниот телевизиски водител Слави Трифонов која според анкетата на Галуп е на второто место со 17,1 отсто освоени гласови.

Според анкетата на Алфа рисрч, опозициските социјалисти се втори со 17,6 отсто освоени гласови, а Трифонов трет со 15,2 отсто.

54-годишниот Трифонов ја отфрли можноста за коалиција со ГЕРБ и социјалистите.

Парламентарните избори вчера беа спроведени со епидемиолошки мерки, вклучувајќи мобилни гласачки кутии за луѓето во карантин.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе