Партијата на Борисов од десниот центар ГЕРБ со освоените 26,2 отсто од гласовите ќе биде најголема партија во парламентот, но без потребното мнозинство бидејќи расте бројот на протестните партии кои го обвинуваат дека не успеал да ја искорени корупцијата.
61-годишниот Борисов е на власт од 2009 година, а за тоа време ги модернизираше руинираните патишта и ги контролираше финансиите.
Истовремено ги отуѓи гласачите и потенцијалните сојузници кои го гледаат како политичар кој ја штити моќта на олигарсите во најсиромашната и најкорумпирана членка на Европската Унија.
„Должни сме на нашите гласачи, поради кои сме први, да предложиме опција. Според коментарите кои ги слушам, тоа веројатно нема да успее“, му кажа Борисов на кабинетот во заминување.
Новата партија на телевизискиот водител и пејач Слави Трифонов е втора на изборите со освоени 17,7 отсто од гласовите, а Трифонов веројатно ќе се обиде да формира влада ако Борисов не успее во тоа.
Борисов вчера кажа дека е спремен да го поддржи Трифонов да формира влада за да се избегнат вонредни избори кои многу би им наштетиле на можностите на Бугарија да ги користи средствата од фондот за опоравување на ЕУ, да се избори со порастот на заразата и да ја придвижи нарушената економија.
„Ако им затреба, спремен сум да имам 10 заменици кои ќе ги поддржат. Стабилна власт е она што ми е важно. Ја сакам својата земја и сакам мирно работење“, кажа Борисов. „Нови избори не се решение“.
Новата понуда на Борисов следи откако две помали протестни партии и социјалистите, кои завршија трети на изборите, ја одбија неговата понуда за формирање експертска влада која би ја водела земјата во пандемијата на коронавирусот до крајот на годината.
Меѓународните набљудувачи на изборите кажаа дека масовното користење на државните ресурси му дало на ГЕРБ на Борисов значителна предност, но партијата и покрај тоа изгуби петина од своите пратеници.
Партијата на Трифонов Има таков народ повеќе пати кажа дека нема да коалицира со ГЕРБ, социјалистите или етничката турска партија МРФ.