Џонсон кажа дека луѓето имаат право да бидат гневни откако нему, на неговата сопруга и на министерот за финансии Риши Сунак им се изречени парични казни.
„Не ми падна на памет дека ги кршам правилата. Сега тоа понизно го прифаќам“, кажа Џонсон. „мислам дека најдоброто што сега можам да го направам, откако ќе ја платам казната, е да се фокусирам на работата и тоа и ќе го направам“.
Полицијата истражува 12 собирања во Џонсоновата резиденција во Даунинг стрит и во неговиот кабинет откако со интерна истрага е утврдено дека негови вработени уживале во незаконски забави на кои се служел алкохол.
Џонсон кажа дека присуствувал на некои од тие настани во време кога собирањата беа забранети, но сепак негира дека свесно го прекршил законот.
Паричната казна, една од 50-те кои полицијата ги најави, се однесува на собирањето во Даунинг стрит одржано по повод неговиот 56-ти роденден на 19 јуни 2020, за кое тој тврди дека не траело повеќе од 10 минути.
„Го разбирам гневот кој многумина ќе го чувствуваат поради тоа што згрешив кога станува збор за почитувањето на истите правила кои владата на чие чело сум ги воведе за да ја заштити јавноста“, кажа тој.
Ројтерс наведува дека ова е првпат да е утврдено дека еден британски лидер го прекршил законот додека бил на должност.
По откритијата за забавите во Даунинг стрит на кои бил служен алкохол одделни пратеници од Конзервативната партија на Џонсон побараа негова оставка. Меѓутоа, притисокот попушти поради војната во Украина во која тој се обидува да игра значајна улога во реакцијата на Западот.