сабота, 4 мај 2024

Џафери: Еден премиер за сите

Кандидатот за пратеник во шестата изборна единица на Европскиот фронт предводен од ДУИ, Талат Џафери, кој ја извршува и функцијата премиер во техничката Влада, денеска на прес-конференција во Скопје рече дека должноста премиер ја извршувал доследно и дека Албанците, како што посочи, имаат потенцијал и се подготвени за еден премиер за сите.

Објавено на

часот

Сподели

„Ви се обраќам со мирна совест, затоа што тоа што го ветив кога ја преземав одговорната должност на премиер, го спроведував и продолжувам да го спроведувам доследно. Работев посветено и професионално. Убеден дека ќе ги отстраниме еднаш и засекогаш всадените предрасуди и стереотипи во широкиот менталитет дека Албанците не можат, не знаат и немаат право“, рече Џафери.

Тој посочи дека Владата, под негово водство, иако прв приоритет ѝ бил одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, во ниту еден момент не била  надвор од рамката на функционална и доверлива институција.

„Докажавме дека одговорноста и водењето на државата ги носиме на еднаков начин, станувајќи пример на зрелоста и взаемната почит. Докажавме дека можеме да владееме одговорно во целата земја, во сите околности и со сите граѓани. Тоа се вредности што ги негуваме уште од независноста на државата, за градење на рамноправна држава и општество“, рече Џафери.

Прашан дали настапува како технички премиер или како претставник на ДУИ, Џафери рече дека настапува како кандидат за пратеник, но и дека една од точките во изборната програма на Европскиот фронт е еден премиер за сите.

„Јас сум втор на кандидатската листа за пратеници во шестата изборна единица и како кандидат за пратеник одржувам прес денеска. Впрочем една од точките во програмата е премиер за сите така што во тој контекст нема никаква пречка да сум овде пред вас, пред сите граѓани“, изјави Џафери.

Не откри кој од двајцата кандидати за претседател ќе ја добие поддршката од Европскиот фронт. Упати одговорот да се бара кај раководството на Европскиот фронт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ