Би-би-си

Прва репортажа од кинески камп за „трансформација на мисли“ (ВИДЕО)

Би-би-си прв пат снимиле репортажа во огромниот систем на кампови со високо обезбедување во кои наводно има повеќе од еден милион Ујгури, кинеско малцинство од исламска вероисповед во провинцијата Ксинџијанг.

Кинескиот режим инсистира на тоа дека не се работи за затвор, туку за училишта и тоа за превоспитување екстремисти.

„Тие се зафатени со верски екстремизам. Наша цел е да се решиме од нивните екстремистички мисли“.

Но, колку повеќе репортерите на Би-би-си поставуваат прашања, колку повеќе докази се обидуваат да пронајдат самите за она што навистина се случува во овие кампови, толку повеќе прашања произлегуваат.

„Додека стотици илјади муслимани исчезнуваат во огромните обезбедени установи, Кина започна да воведува внатре избрани новинари. Тоа е она што сака светот да го види и што го нуди како доказ дека тие не се затвореници, туку ученици кои со своја согласност се оддалечуваат од екстремизмот“, вели репортерот покрај снимката од момчиња и девојки како координирано танцуваат некој вид народен танц.

„Дали сте осудени за криминал?“ репортерот Џон Судворт ја прашува една девојка. „Не сторив кривично дело, само направив грешка“, одговара таа.

„Колку често можете да се молите тука?“ прашува новинарот еден маж. „Кинеските закони ги дефинираат училиштата како јавни места. А на јавни места религиозни активности не се дозволени“, одговара тој.

„Дали е ваш избор да бидете тука?“ прашува еден млад човек кој е на час по танц. „Да. Немав доволно свесност за законот. Бев под влијание на екстремизмот и тероризмот. Полицаецот во моето училиште, ми рече да се запишам во училиште и да ги трансформирам своите мисли“, објасни тој, искрено или не, како дошол во оваа бизарна „образовна“ институција.

„Цело време во позадина официјални претставници на режимот го следат секое интервју. А еве и како се трансформираат мислите. Долги часови учење на кинески јазик напамет. Учење на се построги кинески ограничувања на религијата и замена на верата и културниот идентитет со поинаква лојалност“, вели репортерот.

„Ја сакам Комунистичката партија на Кина“, пишува еден „ученик“ на компјутерот со илустрирано црвено знаме. Но, „учениците“ најчесто се повозрасни лица кои мора да носат униформи и да спијат по десетина во соба со заеднички тоалет. Немаат идеја колку месеци - или години – ќе останат во кампот.

„Ако не сакаат да дојдат, што им се случува?“ го прашува Судорт Махемути, шефот на Центарот за образование и обука во округот Хотан.

„Никогаш досега не сме имале таков случај, но проактивно би ги воделе“, вели тој.

„Зарем местото каде што луѓето мора да дојдат, да ги следат правилата, да останат се додека не им се дозволи да си одат, не звучи како затвор? Па дури и да е затвор во кој може да сликате“, го прашува Судорт алудирајќи на сликарската работилница каде што во тој момент се наоѓале.

„Затвор? Зарем постои затвор во кој можете да сликате? Не знам што мислите под затвор. Нашето место е навистина центар за обука. Сликањето е само дел од тоа. Тоа е нивен избор. Прво, се учи мандарински (кинески), закони и вештини. Така, дипломирате“, вели малку нервозно Махемути.

„Порнајдовме графит: ‘Ох, мое срце, немој да се скршиш’. Решивме да не го покажеме, со цел да го заштитиме оној кој го напишал“, додава репортерот.

„Во последниве години, голема мрежа установи, со високо обезбедување се изградени во западната кинеска регија Ксинџијанг, опкружени се со високи ѕидови, бодликава жица и кули за набљудување. Но, на некои места на кои сме одведени, сателитските снимки покажуваат дека внатрешните безбедносни огради и она што изгледа како кули за набљудување непосредно пред новинарската тура се отстранети. Празните дворови се претворени во спортски игралишта, и така се прикажани кога стигнавме таму“, вели Судворт додека на сателитските снимки се гледаат делови кои очигледно биле отстранети.

Но, други кампови каде има бодликава жица и кули се сè уште на место, нималку не изгледаат на училишта, а новинарската екипа брзо е избркана кога се обидела да ги сними.

Кина ја оправдува својата загрижувачка програма на „реедукација“ со одговор за децениите сепаратистичко насилство. Но, Ујгури, Казаци и други припадници на малцинства завршуваат во логори и поради сосема безопасни верувања и однесувања.

Ракима Сенбај, која сега живее во Казахстан, била подолго од една година во кампот бидејќи ја имала мобилната апликација Ватсап инсталирана на мобилниот телефон. Дури при крајот на својата „реедукација“ била во камп како оној во кој бил тимот на Би-би-си. Пред тоа, била во многу построги кампови.

„Една недела ми ставија окови на нозете. Некогаш нè тепаа. Еднаш ме удрија со електрична палка“, вели Сенбај и истакна дека и нејзе ѝ наредиле да лажи за условите во кампот пред посетители: „Пред посета нè предупредија: Ако некој од вас каже нешто, ќе отиде на многу полошо место. Затоа сите се плашат и го прават она што им се вели, вклучувајќи танц и пеење“.

„Не се обвинети за каков било криминал, не завршиле на никакво судење, но Кина сега верува дека може однапред да ја одреди нивната вина“, заклучува Судворт. Песните инаку варираат од традиционални ујгурски до пропагандни песни напишани од самиот кинески претседател Си Џинпинг.

„Некои луѓе пред да извршат убиството, веќе покажуваат дека се во состојба да убијат. Треба ли да чекаме да извршат злосторство? Или треба да спречиме тоа да се случи?“ го образложи Жанг Џизгенг од уредот за надворешни работи на покраината Ксинџијанг овој систем на „превентивни“ казни за потенцијални криминалци.

„Нашиот фокус е да се земе лице кое се наоѓа на работ да изврши кривично дело, ситен криминалец, и да се врати во нормалното општество како граѓанин кој го почитува законот“, вели Зу Гишианг од одделот за пропаганда на Ксинџијанг.

„Сакаме да ги смениме нивните религиозно екстремистички мисли за да пронајдат работа по дипломирањето“, вели Бујаксим Облиз од Центарот за образование и обука Моју.

„Ние тоа би го нарекле перење на мозокот“, вели Судворт. „Не ги менуваме нивните мисли целосно. Ги отстрануваме само екстремистичките елементи“, му одговори таа.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе