Поранешниот советник на Трамп

Бенон: Десните популисти ќе предизвикаат земјотрес во Брисел

Стив Бенон, поранешниот советник и стратег на Доналд Трамп, очекува десничарските популистички движења да освојат третина од местата во новиот состав на Европскиот парламент и да го разнишаат Брисел.

Бенон веќе некое време престојува во Европа иако инсистира дека не е советник на европските популистички групации туку своевиден „набљудувач“ пред претстојните европски избори.

„Сега можете да ја видите супергрупата која ја создадоа европските популисти и националисти“, кажа Бенон во разговор за германската агенција ДПА.

„Сметам дека би можеле да имате, ако актуелните трендови продолжат, 33 или 35 отсто пратеници во Европскиот парламент од „суверенистичките“ движења. Тоа ќе предизвика земјотрес во Брисел“, смета Бенон.

Тоа е импресивен резултат имајќи предвид дека популизмот беше прогласе за „мртов“ пред две години кога во Франција беше избран Емануел Макрон, додаде поранешниот советник на Трамп.

Протестните движења, вклучувајќи ги и „жолтите елеци“ во Франција, помогнаа во оживувањето на популизмот во Европа.

Бенон тврди дека отсекогаш бил голем поддржувач на европските популистички партии, иако инсистира дека идејата за можно формирање нова европска (популистичка) алијанса е смислена без негова помош.

„На популистичките суверенисти во Европа не им треба помош. Тие разбраа точно што треба да направат. Знаат како да ја мотивираат својата политичка база“, кажа Бенон.

Тој за време на престојот во Германија минал одредено време со членовите на крајно десната партија Алтернатива за Германија (АфД), вклучувајќи го и носителот на листата за Европскиот парламент Јерг Мутен.

„Мислам дека во АфД има исклучителен потенцијал“, кажа тој.

Бенон верува дека иднината на АФД е „неограничена“, иако признава дека партијата се соочувала со расизам и ксенофобија во своите редови.

Тој себеси се нарекува „економски националист“, па ја советуваше АфД да се фокусира на работниците, економските прашања и трговијата со Кина.

„Никогаш не верував во ништо поврзано со етно-национализмот. Мислам дека тоа е смешен концепт. Тоа само ги ограничува популистичките суверенистички движења во остварувањето на нивните цели“, вели Бенон.

Бенон смета дека Кина „ќе биде подеднакво голем проблем за Германија, како што е сега за САД“ ако Германија не се спротивстави на растот на кинескиот технолошки сектор, од што голем дел, тврди тој, е „украдено“ од германски компании.

Предвидува дека, исто како во Америка, работниците ќе бидат главната поддршка на АфД во нејзиното пробивање на европската политичка сцена.

„Мислам дека сме на самиот почеток на АфД“, кажа Бенон.

Откако ја напушти Белата куќа во 2017, Бенон се фокусираше на работата со европските популисти и го основаше „Движењето“, својата „подружница“ во Брисел која ги поддржува популистичките и протестни партии на европските избори.

Бидејќи не сака да има работа со расисти и антисемити се дистанцираше од партии како екстремно десната грчка Златна зора и унгарскиот Јобик, но ја истакнува неговата поддршка на унгарскиот премиер Виктор Орбан и италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе